
Пишува: Свето Тоевски
Како противодговор на сите антимакедонски напади и измислици за поврзаноста на Македонија со „Српскиот свет“, конечно ќе мора и ќе може да се создаде „Македонскиот свет“ врз основа на поставките на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“, како еден вид нетериторијално духовно, јазично и културно поврзување на Македонците во Балканот. Едновремено, и за да се надминат барем делумно катастрофалните последици од „Букурешкиот договор“ од 1913 година, со кои се распарчи македонското национално тело и неговата дотогаш неподелена етнојазична територија.
Зошто ЕУ и нејзините институции и челници се слепи кон веќе тековните активности на Еди Рама, Албин Курти и одделни албански партии Македонија да стане дел од „Албанскиот свет“?!
Европската унија, нејзините институции и челници тврдат дека „Македонија е подпадната под злонамерните влијанија на Српскиот свет и руско-кинеските политики во Балканот“. Европскиот парламент, кој по барање на Бугарија, во максимално содејство со Грција, го избриша македонскиот идентитет и јазик од својата резолуција од 9 јули 2025 година, во оваа иста резолуција „изразува загриженост за таканаречениот проект ‘Српски свет’ и поради тоа што некои претставници на Владата на С.Македонија го застапуваат овој концепт“. Европскиот парламент „го осудува учеството на средби, на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание, со што се поткопуваат суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“. Но, најпрво Европскиот парламент самиот го негира и го поткопува македонскиот суверенитет, спротивно на сите норми на меѓународното право упатувајќи и тој повик до Македонија да си го смени уставот и да го вметне „бугарскиот државотворен народ.
Зошто ЕУ и нејзините институции и челници се слепи кон многу пореалните настојувања и веќе тековни активности на албанскиот премиер Еди Рама и вршителот на должноста на Косово Албин Курти, во содејство со различни партии од албанскиот политички блок од Македонија, Македонија да стане дел на „Албанскиот свет“? „С.Македонија стана политичко бојно поле меѓу Рама и Курти, кои се вмешаа во двојните избори, парламентарни и претседателски во земјата во 2024 година. Рама и Курти пројавуваат сеалбанска амбиција за политичко влијание, или за доминација во албанскиот простор. Социјалистичката партија на Еди Рама во Албанија и Движењето Ветвендосје (Самоопределување) на Албин Курти во Косово се во трескавична трка за моќ преку границите во Македонија, но и во Црна Гора. Сепак, таа трка во Македонија останува најнагласена.“ – нагласува Марјана Дода, главен и одговорен уредник на геополитичкиот портал „Аргументум“ од Албанија, во анализата со наслов „Предлогот на Курти за претседател-Албанец во Македонија: интервенција или помош?“, која ја објави косовскиот весник „Бота сот“.
Нападите за поврзаност на Македонија со „Српскиот свет“ немаат никаква врска со реалноста и тие одат само рака-под рака со грчевитите напори на Софија и Атина да докажат дека Македонците „не постојат“ како засебен народ во Европа и светот со свој исто така засебен македонски идентитет и македонски јазик. „Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика.“ – изјави пред десеттина дена министерот за надворешни работи на Република Македонија Тимчо Муцунски, со што официјално ги отфрли критиките дека власта ја турка државата кон „Српскиот свет“.
Токму поради сево ова, авторот на оваа анализа повикува да се пристапи кон создавањето на „Македонскиот свет“. Врз основа на поставките на Крсте Мисирков „Македонскиот свет“ може и ќе мора да се оформи како еден вид нетериторијално духовно, јазично и културно поврзување на Македонците во Балканот, со цел да се барем делумно да се ублажат катастрофалните последици од „Букурешкиот договор“ од 1913 година, со кои се распарчи македонското национално тело. Согласно со научната концепција на интегралниот македонизам на авторот на овој текст, потребно е воспоставување културно–јазични и духовни врски меѓу Македонците од сите временски епохи и од сите простори на Македонија, меѓу Македонците од сета некогашна етнојазична македонска територија. Македонците од денешнината треба да им подадат рака на Македонците од антиката, за да им се вкрстат рацете со Македонците во иднината.
Не постои „многувековен македонски идентитет и јазик“, од 7, 8, или 9 век, туку аргументи за македонски народ, македонски идентитет и јазик во континуитетот на изминатите три илјадалетија
Што може да претставува денес „Македонскиот свет“, заснован врз поставките на Мисирков од пред 122 години? Потребно е духовно, јазично и културно поврзување на Македонците во сите три делови на Македонија, без заговарање на сега веќе политички утопии и илузии од типот на „територијално обединување“. Во „За македонцките работи“ Мисирков вели дека основата на македонскиот литературен јазик треба да бидат централните говори (прилепски, битолски, велешки), со што ќе се поврзе сите македонски дијалекти. „Ако Македонецот од север му подаде рака на оној од југ, а оној од запад на оној од исток, рацете ќе се вкрстат некаде во Велешко – Прилепско.” – нагласува сликовито Мисирков. Според научната концепција и пракса на интегралниот македонизам на авторот на овој текст, согласно со истата логика на Мисирков Македонците од денешнината треба да им подадат рака на Македонците од антиката, за да им се вкрстат рацете со Македонците во иднината.
Потребно е воспоставување културно – јазични и духовни врски меѓу Македонците од сите временски епохи и од сите простори на Македонија, меѓу Македонците од сета некогашна етнојазична територија, на која тие домородно живееле и се уште живеат во текот на овие изминати околу три илјадалетија. Применувајќи ги принципите на меѓународното право, Владата на Република Македонија ќе треба во најголема можна мера да продолжи да се грижи за националните и јазични права на Македонците, кои живеат на територијата на Грција, Бугарија, Албанија и Косово, за да се овозможи духовно, јазично и културно поврзување на сите овие распарчени делови на единственото македонско национално тело во духовниот ентитет „Македонски свет“ без територијални белези.
Спојувањето на домородните антички Македонци и Словените-колонизатори како зачеток на денешниот македонски народ
Владата на Република Македонија ќе треба, во содејство со Македонската академија на науки и уметности и севкупната македонска научна заедница и мисла, и да ја ревидира политичката теза за „многувековниот македонски идентитет и јазик“. „Многувековен македонски идентитет и јазик“ не постои, туку постои македонски народ со свој македонски идентитет и македонски јазик во сиот временски континуум од три илјадалетија. Македонците не се дојдени на просторите на Балканот и во Европа во 6, 7, или 8 век, ниту постојат само од 9 век, како што пишуваат и одделни македонски академици и научници. Денешната македонска нација своите корени ги има во античките Македонци, како нивен директен продолжувач, со тоа што во таа етногенеза се вткајува и старословенската етничка компонента, за што постојат и многу историски докази. Но, најсилни и најнеоспорни се доказите од генетските истражувања.
Најдиректна и најегзактна научна потврда дека денешната македонска нација е директен наследник на древномакедонскиот етницитет, произлезе од обемните високопрецизни научни компаративни истражувања на реномираниот институт за генетика „Игенеа“ („iGENEA“) од Швајцарија. Студијата за генетско мапирање на Европа, изработена од овој институт, недвосмислено ја потврди и прецизно ја дефинира генетската припадност на денешните Македонци. Македонците во својот генетски профил го покажаа своето директно потекло од античките Македонци, кое во гените на денешниот македонски народ учествува со највисоки 30 проценти. Грците имаат само пет проценти во својот генетски профил од античките Македонци.
Професорот д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература укажува на континуитетот во македонската етногенеза, на нејзината етапа кога се проткајуваат античкомакедонската со старословенската компонента: „…веќе од 80-тите години на VI и низ целиот VII век се извршила словенската колонизација и на просторот на Македонија. Овој миграциски наплив предизвикал пресвртни етнички промени на просторот на Македонија и пошироко во Балканот. Домородното, веќе христијанизирано македонско население дошло во ситуација да се вклучува во новата етничка симбиоза, заедничко живеење со словенските доселени племиња преку нов етнички колективитет, а по извесно време постапно станувало двојазично.“
„Нема научна потреба да се поставува ’јаз‘ меѓу античка Македонија и Словените – Македонци. Македонците се создадени низ продолжителен и континуиран процес, без сепарации и ’јазови‘ и сигурно не само од Словените, дојдени во Балканот. “ – нагласува професорката д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја во осврнувањето на историскиот развој на македонскиот национален идентитет, притоа потпирајќи се и на став на академик Блаже Ристовски од неговото научно дело „Сознајби за јазикот, литературата и нацијата“.
Социолингвистичката реалност на Мисирков со државотворниот македонски народ и македонската држава во средиштето на таа реалност
Во „За македонцките работи“ Мисирков креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ со својот македонски идентитет и со својот автентичен и засебен македонски јазик. Но оваа социолингвистичка реалност на Мисирков осма година по ред не постои. Неа ја урнаа, привремено, двата акта, кои се нарекуваат „добрососедски договори“ – Преспанскиот договор и „Бугарскиот договор“. Овие два акта почнаа да создаваат „нова“, така наречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која не постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик.
Овие два „добрососедски договора“ се обидуваат целосно да ги поништат поставките на Мисирков за македонската нација, македонскиот јазик и македонската држава, разработени во „За македонцките работи“. Почетокот на градењето внатрешна, домашна, како и меѓународна клима за постапно поништување на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“ се првиот предуслов за растурањето на „северномакедонската социолингвистичка реалност“. Потпирајќи се врз поставките на Мисирков од „За македонцките работи“, потребно е творечки и дејствително час поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжи да опстојува државотворниот македонски народ, но и да се возобнови македонската држава со своето вистинско име Република Македонија.
Ова е предусловот за креирањето на „Македонскиот свет“, на единствената јазичната, духовна и културна татковина на сиот македонски народ. Кога час поскоро ќе се извади „преспанскиот нож“ од срцето на македонскиот идентитет, тогаш ќе може да се направи првиот чекор кон ваквиот нетериторијален „Македонски свет“ во Балканот.
(Оваа анализа е втор дел и продолжение на анализата „Македонски свет’ заради духовно поврзување на Македонците, а Преспанскиот и “северна” како хартија за бришење…“, објавена на 28.7.2025 година. Авторот изнесува во неа согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)
.