Македонија

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Учителско-просветителската дејност на Свети Наум Охридски

Култот на Свети Наум е особено негуван во охридскиот и во преспанскиот кра, во Корча, Албанија, но бил раширен и во Унгарија и Романија, каде што имало иселеници од овие региони. За животот и дејноста на Св. Наум Охридски малку се знае, иако со Св. Климент Охридски се најпознати и најзначајни ученици на светите браќа Македонците Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 година бил духовно посветен и дека по смртта на Методиј во 885 година, преку Бугарија, дошол во Македонија. На брегот на Охридско Езеро го основал манастирот на светите архангели, денешен „Свети Наум“, кој го носи неговото име. 

Во Македонија, во Охридската книжевна школа, Наум Охридски успешно ја продолжи целокупната дејност на Климент Охридски. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, а од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил учител, просветител, кој се разбира во народната медицина.

Академик Цветан Грозданов истакнува дека од спомениците на најстарата словенска уметност кај Јужните Словени, само во манастирот „Свети Наум“ на Охридско Езеро е одржан духовниот живот од неговата изградба, пред 1.100 години, до денес.  „Манастирот на Св. Наум Охридски стана едно од неколкуте најстари огништа на писменоста во словенскиот свет, каде што се зачувани придобивките на Моравската мисија на Св. Кирил и Св. Методиј, по прогонот на нивните ученици од Средна Европа. Наумовиот манастир, од своето формирање наваму и по разорувањето на Самоиловата држава, ги зачува словенската писменост и богослужба на јазикот на македонските Словени.“ – нагласува Цветан Грозданов.

Култот на свети Наум Охридски

Св. Наум, освен по црковната дејност, е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека ги има повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“. Се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“ и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“. Во Житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климент. Некои научници сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Култот на свети Наум е одразен најмногу во преданијата раскажувани во охридскиот крај од најстари времиња. Народните преданија се среќаваат во зборниците на браќата Миладиновци и Кузман Шапкарев. Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 5 јануари 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на брегот на Охридско Езеро, а култот за него започнал да се шири во Македонија, во јужнословенските средина, како и во Албанија и Грција.

Манастирот „Свети Наум“ е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во една месност со ретка природна убавина. Св. Наум пред крајот на својот живот го основал манастирот „Св. Архангел“ и во 910 година бил погребан таму. Оваа црква по својот првобитен облик била речиси идентична на црквата „Св. Пантелејмон“ во Охрид. Во периодот меѓу 10 и 13 век Наумовата црква била целосно урната. Околу 16 век на нејзините темели е подигната сегашната црква во две етапи. и нартексот, која има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столба. Гробницата на Наум е посебна зграда, со широка и ниска купола.

(„Нова Македонија“)

Најнови вести од: Македонија

Стратешкиот притисок на Индија на Балканот и реалноста на глобалната дипломатија

Анализа на британска авторка која посетата на Мурму на Македонија ја поврзува со прагматската архитектура на меката моќ која се случува надвор од историската носталгија на Балканот

Клековски: Во Гостивар забележани 109 нови случаи поврзани со епидемијата

Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека во Гостивар се регистрирани 109 нови случаи поврзани со епидемијата, а по смирувањето на акутната фаза е воведен засилен надзор за следење на можни заразни заболувања.

Мицкоски: Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но ставот на бугарската страна е поинаков, поради егзибициите на претходната влада на СДСМ-ДУИ

Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но Бугарија го тврди спротивното, повикувајќи се на тоа што го договорила со претходната влада, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за протоколите за време на посетата на општина Илинден.

Водата за пиење во Крушево е исправна и безбедна за употреба – отстранет е дефектот во хлорирањето

Општина Крушево ја информира јавноста дека, согласно со резултатите од трите последователни лабораториски испитувања, извршени од страна на Центарот за јавно здравје-Прилеп, водата од градскиот водовод ги исполнува сите законски пропишани параметри за квалитет и е здравствено исправна и безбедна за пиење.

To top