
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан вчера како ќе гласаат пратениците од неговата партија за интерпелацијата на Љупчо Коцевски, кусо изјави:
„Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ“ изјави Мицкоски.
Владата во февруари почна постапка за разрешување на обвинителот Коцевски, но ја сопре постапката по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Очекувано е денеска за интерпелацијата да гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата.
Левица на 26 јуни ја поднесе интерепелација во Собранието а во образложението се наведува:
„Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“.
Коцевски испрати писмо до пратениците во кое ги отфрли причините за интерпелација и наведе дека неговата смена е политички мотивирана.