Денеска се одбележува Велики петок – денот на Христовите страдања, најтажниот ден за христијаните, кога Исус бил осуден и распнат на Голгота, жртвувајќи се за сите луѓе и спасението на светот.
Тоа е ден на голема жалост, но и вовед и подготовка за Велигден, кој е најголемиот христијански празник.
Велики петок е денот кога Римјаните го осудиле Исус Христос на смрт, по наговор на еврејските свештеници и фарисеи.
Како знак на тага и жалост, црковните ѕвона не ѕвонат на Велики петок, почнувајќи со бдението на Велики четврток, а дрвените ѕвона се користат за повикување на богослужби.
Велипеток познат и како Распет петок, се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.
Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала.
Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Велипеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.
Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Камбаните не се огласуваат сè до недела, кога за првпат ќе удри ѕвоното за радоста на Христовото воскреснување.