Македонија

Димитриеска-Кочоска: Криминалот не смее и нема да биде исплатлив! – Незаконски стекнатиот имот ќе биде одземан!

„Нашата порака е јасна – криминалот не смее и нема да биде исплатлив. Со системски пристап, силни институции и јасна одговорност ќе создадеме услови нелегално стекнатиот имот да биде идентификуван, одземен и вратен во функција на општеството.“  – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.

– Со формирањето Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот државата прави јасен чекор од декларативна определба кон засилен и структуиран систем на одговорност, координација и резултати. Министерството има централна улога во овој процес бидејќи финансиските истраги и конфискацијата на нелегално стекнатиот имот не се прашања на безбедност и правда, туку и прашања на фискална стабилност, интегритет на финансискиот систем и доверба на институциите. Нашата надлежност е повеќеслојна и опфаќа клучни институции, кои директно се вклучени во откривање, следење и спречување незаконски финансиски текови, како што се Управата за финансиска полиција, Царинската управа, системот за спречување и перење пари, како и финансирање тероризам – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека целта е функционална правна рамка, која овозможува брзи координирани истраги што даваат резултати во согласност со европските стандарди и обврските од реформската агенда. – Во изминатите години Управата за финансиска полиција значително го интензивира своето работење со видливи резултати. Од девет финансиски истраги во 2022 година, 17 во 2023 година, десет истраги во 2024 година, веќе во 2025 година се направи јасен исчекор – почнати се 58 финансиски истраги со опфат на речиси 400 физички лица и 95 правни лица. Од нив, 33 истраги веќе се завршени, а другите се во тек – информира таа.

Потсети дека паралелно, во рамките на Законот за конфискација на имотот во граѓанска постапка, Управата за финансиска полиција постапувала по иницијативи на јавните обвинителства, при што била обезбедена судска мерка за имот во вредност од над 33 милиони денари, што, потенцира таа, јасно покажува дека финансиските истраги не се само постапки, туку водат кон реална конфискација и заштита на јавниот интерес.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски посочи дека државава се наоѓа во клучен момент кога мораме да ја зајакнеме довербата во институциите и да изградиме систем што ќе биде отпорен, ефикасен и транспарентен. – Оваа стратегија, покрај тоа што е клучна за европската интеграција, ја зајакнува борбата против корупцијата, а со тоа и ја зголемува довербата во институциите. Во текот на 2025 година фокусот беше ставен на воспоставување функционални механизми за системско водење финансиски истраги како составен дел од истрагите за тешки кривични дела. Годишниот извештај јасно покажува дека се направени чекори напред, особено во делот на подобрување на меѓуинституционалната координација и зголемената употреба на финансиски анализи во предистражната постапка. Особено значајно е што во 2025 година година е забележан раст на бројот на поведени финансиски истраги, како и подобрување на практиките за идентификација и привремено замрзување на имотот стекнат од кривични дела – рече тој.

Министерот нагласи дека овие резултати јасно укажуваат дека принципот следи ги парите постепено станува стандард, а не исклучок. – Успешноста на овој процес влијае врз зголемување на довербата на јавноста во Владата и нејзините институции, како и пренесување на пораката дека криминалот не е исплатлив и со неговото сузбивање преку ефикасна идентификација, финансиските истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот се воспоставуваат и јасни механизми за градење општество ослободено од корупција. Сепак, мора да признаеме дека предизвиците остануваат. Недостигот на финансиски експерти и аналитичарите во Јавното обвинителство, ограничените кадровски капацитети во Управата за финансиска полиција и нецелосното функционирање на Агенцијата за управување со одземен имот се реалност, што бара итни интервенции – потенцира Тошковски.

Тој истакна дека поради тоа МВР ќе инсистира на кадровско зајакнување и на создавање функционален механизам за социјална реупотреба на конфискуваниот имот. – Нашата борба против криминалот не е само правна и институционална, таа е морална. Конфискацијата на имот не е казна самата по себеси, туку средство за враќање на правда и заштита на јавниот интерес. Во 2025 година, преку акцискиот план обезбедивме над 452 милиони денари директен прилив во буџетот на државата од конфискација. Ова е доказ дека системот функционира, но и потсетник дека мора да го унапредуваме за да обезбедиме уште поголемо влијание. Нашата цел е јасна. Министерството за внатрешни работи ќе продолжува да ги надградува сопствените капацитети, да ги надминува утврдените слабости и да обезбеди конфискација на нелегално стекнатиот имот да стане ефикасна, правично применета и видлива во пракса – заклучи Тошковски.


Најнови вести од: Македонија

Несфатлива противречност: Во најновиот нацрт-извештај Вајц вели „нема доволен напредок“, а со резолуцијата на ПССЕ се „признава напредокот на земјата“?! (1)

Европскиот парламент, Советот на Европа и неговото Парламентарно собрание, нивните известувачи за Македонија, со сите нивни резолуции и извештаи еднаш ‘поздравуваат и признаваат’, но по неколку седмици силно критикуваат дека ‘не е постигнато ова и она’. Тие првин нагласуваат дека ‘Владата искажува политичка волја и посветеност да ги почитува обврските’, но само по кратко време сега се вели дека ‘нема долгорочна политичка посветеност’. Најновиот нацрт-извештај на Томас Вајц во Европскиот парламент и претходните ставови и оценки на Парламентарното Собрание на Советот на Европа од Резолуцијата од 29 јануари 2026 година за ‘има-нема  напредок’ на Македонија се поигрување со евроинтеграциските стремежи на оваа држава и на нејзините граѓани. Овие акти на Советот на Европа се едни со други во несфатлива противречност и тие ја уриваат довербата во овие клучни европски институции. Најновиот нацрт-извештај на Томас Вајц ги фрла во вода клучните ‘признателни’ и ‘поздравителни’ наводи од споменатата резолуција на ПССЕ од 29 јануари.“ – пишува Свето Тоевски во својата анализа.

Мицкоски за Груби: Не можам да се договарам со човек кој креваше дронови над куќата на сестра ми

Премиерот Христијан Мицкоски остро ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека актуелната власт постигнала некаков договор со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи ги како политички инженеринг без никаква логичка основа и суштина.

Самсунг („Samsung“) ја претстави Galaxy S26 Серијата: Најинтуитивниот Galaxy AI телефон досега

Со моќен хардвер кој беспрекорно работи со водечкиот во индустријата систем на камери и интуитивни искуства со вештачка интелигенција, секојдневните задачи се полесни и побрзи од било кога досега

To top