„Двоглавиот орел се врати на највисокиот врв на планината Кораб, планина која ги поврзува Македонија и Албанија. Симболот на двоглавиот орел беше отстранет пред два дена од група Македонци, кои го поставија и знамето на Македонија“, пишува „Коха“. Во објавата се наведува дека новите снимки покажуваат дека македонското знаме сега е отстрането.
Случајот со симболите на Кораб започна откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледаше голем метален двоглав орел поставен на врвот. На локацијата беа забележани и албанско знаме и симбол на УЧК. По реакциите во јавноста, Министерството за внатрешни работи соопшти дека е запознаено со случајот и дека во координација со планинарските друштва и надлежните институции ги проверува околностите.
Според информациите со кои тогаш располагаше МВР, обележјето било поставено од другата страна на врвот Кораб, односно надвор од територијата на Македонија. Неколку дена подоцна двоглавиот орел беше отстранет од локацијата.
На отстранувањето реагираше Федерацијата на Албанија за планинарство и планински туризам, која тврдеше дека симболот бил поставен од тим албански планинари и побара од албанските институции да го истражат случајот, да утврдат кој го отстранил и да преземат чекори за негово враќање. Федерацијата во својата реакција се повика и на информацијата од македонското МВР дека местото на кое бил поставен симболот е надвор од територијата на Македонија.
Истовремено, од Федерацијата порачаа дека постапките на поединци не треба да ги нарушат односите и соработката меѓу планинарските заедници од двете земји. Сега случајот продолжува.добива Според денешната објава на „Коха“, двоглавиот орел е повторно поставен, а македонското знаме е тргнато од локацијата.