Дождот што заврна пред седум часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот што трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„ Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат, се наведува во соопштението.

Се апелира граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112“, се додава во соопштението на ДЗС.