Македонија

Филков: Јавните обвинители нема да се избираат повеќе врз основа на договарања, туку врз заслуги, интегритет и професионалност

Во своето обраќање на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК, министерот за правда, Игор Филков потенцира дека реформите се директен одговор на системските слабости, кои со години ја разјадуваат довербата на граѓаните – долготрајни постапки, недоволна транспарентност, неправилности во изборните и дисциплинските механизми, како и случаи на корупција и неефикасна одговорност.

Филков денеска ги образложи правосудните реформи, нагласувајќи дека државата се наоѓа во фаза на длабоко преструктурирање на судските и обвинителските механизми. Наместо козметички измени или ограничени интервенции, Владата, како што истакна тој, спроведува сеопфатен процес насочен кон јакнење на интегритетот, деполитизација, отчетност и долгорочна правна стабилност.

Затоа, според него, модернизацијата на правосудството не е само техничка задача, туку државна обврска со долготраен ефект врз владеењето на правото и европскиот интегративен процес. – Непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите – изјави Филков.

Министерот нагласи дека реформите веќе даваат конкретни резултати, особено во Судскиот совет, каде новиот закон донесува строги критериуми за избор и разрешување, засилена проверка на професионалната биографија, појаснето дефинирање на „истакнат правник“ и воведување јавни расправи и транспарентни огласи при изборот на членови. Дисциплинската постапка за членовите е детално уредена, со јасни основи за одговорност и редуцирање на простор за политички влијанија.

Дополнително, се воведува и итна постапка за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови, која мора да биде завршена во рок од шест месеци. Филков ја најави и финалната фаза на усвојување на Законот за јавно обвинителство, кој, како што објасни, носи европски стандарди и јасен мерит‑систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите. – Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети – истакна тој.

Реформите предвидуваат и јасни основи за престанок на функцијата во случај на правосилна осуда, како и рокови за дисциплински постапки од шест до девет месеци. Според препораките на ГРЕКО, дисциплинските повреди првпат се поделени на лесни, потешки и најтешки. 

Министерот соопшти дека Владата го усвоила и новиот Закон за Советот на јавни обвинители, со кој се воведува повисок професионален цензус, транспарентни изборни процедури и задолжително јавно образложување на сите одлуки – од избор и унапредување, до дисциплинска одговорност и разрешување. – Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност – потенцираше Филков.

Министерот порача дека реформскиот пакет опфаќа триесетина закони, најголемиот дел клучни за правосудството, и дека земјата првпат има историска можност да постави здрави и европски усогласени правосудни темели. – Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно – додаде тој.

Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Драго ми е што помогнавме во обнова на Старата чаршија – културно наследство во Гевгелија, рече Николоски

Министерството за транспорт ги издаде сите одобренија за реконструкција на објектите во Старата чаршија во Гевгелија, со што допринесовме да го заштитиме ова културно наследство, истакна денеска заменик претседателот на Владата, Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија. Тој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам и градоначалникот на Гевгелија, ја пуштија […]

To top