Македонија

Филков пред амбасадорите на ЕУ: реализирани реформи во правосудството со околу триесет закони за две години

Министерот за правда Игор Филков денеска во Владата на брифинг со амбасадорите ги презентираше резултатите од спроведувањето на Реформската агенда во областа на владеењето на правото, реализираните законски реформи и следните чекори во исполнувањето на европските обврски на државата.

Во обраќањето, министерот Филков истакна дека Министерството за правда во изминатиот период реализирало најобемен законодавен реформски циклус, со силна динамика, професионален пристап и целосна посветеност на европската агенда. „За помалку од две години подготвивме околу триесет законски решенија, од кои тринаесет се директно поврзани со Реформската агенда. Овој законодавен циклус претставува најобемен реформски процес реализиран од Министерството за правда во толку краток временски период и е јасен доказ за институционалниот капацитет, одговорноста и решителноста со кои се спроведуваат реформите“, истакна министерот Филков.

Тој нагласи дека реформите се реализираат во тесна координација со Владата, Европската комисија, експертската јавност и меѓународните партнери, со единствена цел – создавање функционален, ефикасен и европски правосуден систем. Во рамките на четвртото барање за ослободување средства од Реформската агенда, во областа „Владеење на правото“ се следат 17 реформски чекори, при што седум од нив се поврзани со донесување на 13 законски решенија што се во надлежност на Министерството за правда.

Министерот информираше дека сите законски решенија се подготвени, четири веќе се донесени од Собранието, а останатите се наоѓаат во различни фази од законодавната постапка. Според тековната динамика, ќе биде пријавена реализација на осум реформски чекори, додека за уште два продолжуваат активностите за обезбедување поширока политичка поддршка, пред сè за Законот за јавното обвинителство и Изборниот законик. Пред амбасадорите беа презентирани и најзначајните реализирани резултати, меѓу кои донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, целосно усогласен со препораките на Оценската мисија на Европската Унија и Венецијанската комисија, како и новите Закони за судска служба и за јавнообвинителска служба, со кои се гарантираат правата на вработените, се унапредува системот на вработување и се воспоставува правично вреднување на трудот.

Министерот Филков посочи дека се пополнети сите работни места во Агенцијата за управување со одземен имот, избрани се двајца нови членови на Судскиот совет согласно новиот закон, додека постапката за избор на третиот член е во завршна фаза. Дополнително, преку платформата на Европската комисија се евидентира континуирано зголемување на бројот на истраги, обвиненија, пресуди, конфискации и случаи на управување со одземен имот во предметите од областа на корупцијата, организираниот криминал и перењето пари.

Во завршна фаза се и новиот Закон за јавното обвинителство, Законот за судски буџет, новиот Закон за кривичната постапка и новиот Кривичен законик, со кои ќе се комплетира најобемниот реформски пакет во правосудството во последните години и ќе се воспостави современа правна рамка усогласена со европските стандарди. „Реформите се инвестиција во иднината на државата. Со нив градиме посилни институции, поефикасно правосудство, повисока доверба кај граѓаните и побрза европска интеграција. Таму каде што е потребен политички консензус, очекувам одговорност и државнички пристап од сите политички чинители, затоа што европските реформи се обврска кон државата и кон идните генерации“, порача министерот за правда Игор Филков.

Најнови вести од: Македонија

Почина 72-годишен скопјанец од западнонилска треска в болница

Седумдесет и двегодишен скопјанец почина по компликации од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. Пациентот бил со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, а уште при приемот во болница бил во тешка општа состојба.

(Видео): Со синовите бевме на научнообразовна екскурзија во Белгија, рече премиерот за еднонеделното патување

„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдени вооружени луѓе во строго-заштитено подрачје на Пелистер

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во територијата на паркот.

Кисела вода добива сè повеќе првачиња

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, рече дека изградбата на салата во Припор е реализација на долгогодишно барање на жителите. Таа нагласи дека проектот е реализиран во соработка со Владата и Министерството за образование.

To top