Македонија

(Фото): Што е проблемот со автобусите во Скопје

Податоците не нудат толкување, туку факти, но нивната комбинација покажува јасна слика: бројот на патници континуирано опаѓа, приходите остануваат релативно стабилни, значителен дел од нив доаѓа од субвенции, а финансиските резултати зависат од начинот на евидентирање на трошоците. Ова упатува на систем што формално функционира, но со многу намален опсег на користење и со ограничена финансиска самостојност.

Возниот парк на ЈСП-Скопје располага со автобуси постари од 30 години кои често се расипуваат, а од вкупниот број возила, дневно сообраќаат едвај половина, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Иако на скопјани не им треба доказ за катастрофалната состојба на јавниот превоз, анализата на Центарот за граѓански комуникации објавена прецизно ги лоцира причините зошто возењето со автобус низ Скопје сѐ почесто станува понижувачко искуство што им го „краде“ времето и им ги „кине живците“ на жителите на главниот град.

Истражувањето покажува дека за една деценија, бројот на автобуси на скопските улици се намалил за една четвртина, нивната просечна старост пораснала, бројот на патници се преполовил, а загрижувачки, дел од возилата на ЈСП не ги исполнуваат еколошките стандарди и дополнително го загадуваат воздухот.

Секојдневната слика на стотици граѓани што чекаат на автобуските постојки е директна последица и на тоа што сега по скопските улици дневно сообраќаат дури 56 автобуси помалку во споредба со 2015 година. Ако пред десет години, дневно, во просек, сообраќале 213 автобуси, денес се само 157, што претставува намалување за една четвртина, покажува анализата на ЦГК.

Во меѓувреме, се „стопила“ и вкупната флота на ЈСП, од 430 возила пред една деценија, на сегашни 341 автобус.

Со намалувањето на бројот и исправноста на автобусите, расте и нивната просечна старост. Таа сега изнесува околу 13 години и е во континуиран пораст од 2021 година, покажува извештајот на ЦКГ.

Најстари се десетте автобуси „Санос“, стари околу 30 години и набавени уште во минатиот век, додека кинеските двокатни, кои се најбројни, и украинските автобуси веќе 13 години возат по улиците на главниот град.

Дневните извештаи од диспечерскиот центар на ЈСП, во кои се содржани податоците за секој автобус што бил повлечен од сообраќај (во колку часот, поради која причина, на која линија возел, колку пати пропуштил да ја извози трасата), се своевидна енциклопедија на дефекти.

„Речиси нема дефект познат во автоиндустријата што не е забележан во нив“, беше заклучокот она текстот во кој се обработуваа и други проблеми со кои се соочува ЈСП.

Намалениот број и зголемената старост на автобусите во изминатата деценија оттурнале многу скопјани од јавниот превоз. Од 51,6 милиони патници во 2015 година, бројката во 2025 се спуштила на 22 милиони, што претставува буквално преполовување.

Во преполовувањето, клучна улога има ковид-кризата, кога за само една година ЈСП изгубило речиси 23 милиони патници на годишно ниво, меѓутоа и по пандемијата, бројките не се сјајни. Мал процент патници се вратиле во автобусите, а трендот на пад продолжил во последните две години – во 2024 година, бројот е намален за речиси шест милиони, а во 2025 година, за дополнителни три милиони.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации се темели на податоци од годишните извештаи на ЈСП, како и на информации добиени од претпријатието преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Најнови вести од: Македонија

Нема криење на гориво – засилени контроли и кај трговците, велат од Пазарен инспекторат

Во однос на можноста за намалување на ДДВ за увоз на енергенси, директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова изјави дека таквите проценки ги прави Владата со ресорните министерства, додека УЈП ќе ги спроведува мерките доколку бидат донесени.

To top