Македонија

Глобален дефект во Мета ги собори Фејсбук и Инстаграм, во Македонија не може да се користи десктоп верзијата

Им се порачува на корисниците да не ја бришат мобилната апликација и да не го притискаат копчето за најава постојано за да не бидат блокирани под сомнеж за спам. Инженерите на Мета веќе работат на дефектот, а постепено нормализирање на мрежите се очекува во текот на денот.

Двете најголеми социјални мрежи на технолошкиот гигант Meta Platforms Inc, Фејсбук и Инстаграм , утрово се соочуваат со голем глобален прекин во работата, оставајќи милиони корисници ширум светот, вклучително и во Македонија, без пристап до своите кориснички сметки. Техничките проблеми започнаа ненадејно околу 10:00 часот по македонско време, предизвикувајќи бран поплаки на алтернативните социјални мрежи.

Дефектот најсилно ја погоди десктоп верзијата а при обид за најава или освежување на страницата, корисниците се соочуваат со бел екран и официјално системско известување: „Налогот е привремено недостапен. Вашиот налог моментално не е достапен поради проблем со страницата. Очекуваме проблемот наскоро да биде решен. Обидете се повторно за неколку минути.“

Специјализираната платформа за следење на состојбата со интернет-сервисите, Downdetector, забележа нагол и масовен скок на пријави во рок од само неколку минути.

Според статистиката на Ројтерс, пријавите доаѓаат од сите меридијани, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Сингапур, па сè до балканскиот регион. Најголемиот дел од проблемите (над 60%) се директно поврзани со функционалноста на веб-страницата, околу 26% со процесот на најавување, додека кај Инстаграм новите содржини воопшто не се вчитуваат или баферираат екстремно бавно.

Македонските корисници масовно пријавуваат потешкотии. Велат дека преку веб-прелистувачите на компјутерите е речиси невозможно да се отвори мрежата, додека мобилните апликации кај дел од граѓаните работат делумно, иако со сериозни забавувања при праќањето пораки и вчитувањето видеа.

Единствената голема платформа во сопственост на Meta која во моментов функционира без никакви пречки на глобално ниво е апликацијата за разменување пораки WhatsApp.

Од корпорацијата на Марк Закерберг сè уште нема официјално соопштение во врска со тоа што ја предизвика оваа криза во нивните дата-центри. На социјалната мрежа X (Твитер), каде што хаштагот #FacebookDown веднаш стана прв тренд, корисниците стравуваат од потенцијален глобален хакерски напад, иако ИТ експертите смируваат дека најверојатно се работи за лошо имплементиран внатрешен код или дефект во DNS серверите на компанијата.

Тие им порачуваат на корисниците да не ја бришат мобилната апликација и да не го притискаат копчето за најава постојано за да не бидат блокирани под сомнеж за спам. Инженерите на Мета веќе работат на дефектот, а постепено нормализирање на мрежите се очекува во текот на денот.

Најнови вести од: Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред сам да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

Национален дата центар е обврска од реформската агенда

Македонија веќе има дата цента во Прилеп. Но, тој не е основен, туку секундарен што значи во случај на евентуален сајбер напад на системот на поединечна институција, таму се чуваат податоците кај секундарниот. Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци

To top