Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, вели дека го нема телефонскиот број на премиерот Христијан Мицкоски, но понекогаш потребата од комуникација меѓу институциите ги прави контактите со извршната власт оправдани.
„Јас лично немам број ниту од премиерот, ниту од сегашниот премиер, ниту од минати премиери, ниту пак од политичари, не. Меѓутоа, дали шефот на ’Организиран’ може да има комуникации и треба да има комуникација со претставници на институциите, општо зборуваме и пошироко, во тоа немам дилема, бидејќи нашата работа нужно го бара тоа и ќе го бара. Нашата работа подразбира понекогаш координирање на ситуации, координирање на работа на повеќе институции и органи. Оттука, само по себе тоа не го гледам како проблем“, изјави Хаџи Василева во интервју за „360 степени“ на Македонската телевизија.
Таа немала броеви ниту од други луѓе од бизнисот или од центри на моќ, нагласувајќи дека шефот на ОЈО ГОКК треба да биде имун на какви било влијанија врз неговата работа.