
Претставници на водечки компании беа дел од форумската дебата „Дуално образование – конекцијата помеѓу компаниите и студентите“, што се одржа на Хајделберг Факултет во Скопје. Присутни беа голем број студенти, но и заинтересирани кандидати за упис кои заедно со нивните родители сакаа да дознаат нешто повеќе за придобивките од дуалното образование што го нуди Хајделберг, но и за праксата за студенти што ја нудат успешните компании во земјава, препознавајќи ја важноста од соработката меѓу универзитетите и приватниот сектор. Мора да постои култура на доживотно учење, односно работните кадри и младите луѓе треба постојано да инвестираат во себе, и преку теорија и во пракса, со цел побрзо да се прифати сето она што го носи новото време и новите технологии, заклучија панелистите.
Сања Стратрова Михајловски, раководител на одделение за обука и кариерен развој од Шпаркасе банка вели дека на неодамнешна средба со студенти испратила порака дека „учењето никогаш не завршува, особено во време кога сѐ се движи брзо“.
„Ние сме банка која е насочена кон младата популација и кон развојот на комуникациските вештини. Младите ни носат една друга динамика, тие доаѓаат со поинакви вештини кои и мене ме мотивираат“, рече Стратрова. Дејан Маџовски, HR директор на НЛБ банка, вели дека студентите сѐ повеќе бараат практична работа, па од тие причини банката соработува со повеќе образовни институции. „Она што нас ни е важно кај младите кандидати, а земајќи ги предвид постојаните промени со дигитализацијата и со вештачката интелигенција, е нивната подготвеност за постојано учење“, вели Маџовски.
Во маркетинг агенцијата Елемент ПР во моментов на пракса доаѓаат двајца студенти од Хајделберг факултетот. Татјана Лопарски, директорка на Елемент ПР и професорка на Хајделберг, вели дека убавината е во тоа што на овој начин се соединуваат учењето и праксата.
„Многу од работите се менуваат со вештачката интелигенција и затоа треба да се прави дополнителен напор кадрите да се обучуваат. Хајделберг е одлучен пример за соединување на теоријата и праксата. Студентите работат на канали кои во мое време не постоеле, како што се ТикТок, Спотифај и други, и овој спој ја прави нашата тимска работа уште поуспешна“, рече Лопарски.
Во индустриската корпорација Кромберг и Шуберт се спроведува дуално стручно образование уште од 2019 година, преку соработката со СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.
„Ученици од втора година доаѓаат еден ден во компанијата, а останатиот дел го имаат во училиште. Редовната пракса ја имаат кај нас, во нивни сопствен кабинет. За нив покриваме сѐ, и превоз и храна, а по нивното матурирање, им нудиме работни позиции. Ние ги градиме веќе од средно и ги насочуваме да се насочат на факултет“, рече Мартина Домазетовска, координатор за дуално образование, додавајќи дека имаат соработка и со универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, каде пет студенти добиваат стипендија и можност за практиканство.
Според Петар Талески, од Управниот одбор на „Сава пензиско друштво“ АД Скопје, сето ова е клучно за да се запре масовното иселување на млади луѓе од државата. „Од макро аспект, секој еден средношколец кој завршува средно образование, државата го финансира од 17 до 26 илјади евра, почнувајќи од основното образование. Во тој човек државата има инвестирано и ние како економски субјекти мора да го имаме тоа предвид. Компаниите мора да имаат можност за време на учењето да им обезбедат работно искуство со цел тие луѓе да останат тука и да работат во оваа држава“, вели Талески. Раде Георгиев, извршен директор на ВАЛТЕК, рече дека во иднина најбарани профили ќе бидат т.н. T-shape професионалци, кои ќе имаат знаење од една област, но ќе имаат и многу други вештини, вклучувајќи ги и социјалните.
„Нема да бидат најбарани кадрите што знаат, туку тие што најлесно се прилагодуваат, кои се флексибилни, кои не извршуваат само одредени задачи, туку и кои нудат решенија“, рече Георгиев. На ова се надоврза и Елиза Пренџов, претседателка на American Balkan Chamber of Commerce NY, која потенцираше дека компаниите сѐ повеќе очекуваат студентите не само да имаат основа, туку и дополнителни знаења и вештини, нешто што се гледа и од огласите за работа.
„Тоа е глобална потреба. Основно што се бара од кандидатите е да покажат дека треба постојано да инвестираат и да дојдат на работа не само со теоретски, туку со практични знаења. Тоа е култура на доживотно учење“, рече Пренџов.
Факултетот Хајделберг од Скопје е единствената образовна установа што овозможува дуален пристап во високото образование, преку комбинација на студии во Македонија и еден семестар во Германија. Комбинираниот модел овозможува студентите да се стекнат со двојна диплома од високообразовните институции во двете држави, со што се обезбедува врвно образование според меѓународни стандарди, додека партнерствата со водечки компании и институции нудат реални можности за професионален развој.