Македонија

Има ли Берлин нова формула за бугарската блокада на Македонија

Германија ја презела обврската за предлогот да се разговара во Европската Комисија и Европскиот Совет

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во интервју за Канал 5 откри дека европските центри прават притисок врз Софија да вети дека нема да поставува билатерални условувања и дека веќе се бара механизам за да се спроведе тоа.

Германија ја презела обврската за предлогот да се разговара во Европската Комисија и Европскиот Совет, вели Димитровски, а едно од решенијата би било – ако во текот на преговорите се отвори историско или идентитетско прашање, преку арбитража да се одлучува дали тоа е дел од копенхашките критериуми.

 

,,Дека доколку во текот на преговорите фактички се покрене билатерално прашање, посебно прашање од овој тип на историско идентитетски карактер, но и воопшто прашања кои не го засегаат процесот на евроинтеграции, кои не ја засегаат суштината на копенхагенските критериуми, и сето она што треба да исполни една земја кандидат за да стане членка на ЕУ, во тој случај да има можност да се упатат двете страни на арбитражен суд или арбитражно тело, арбитражното тело да одлучи дали дали тоа прашање е дел од копенхагенските критериуми или не е. Но бидејќи добиваат од бугарска страна сигнали – Македонија нека ги усвои уставните измени па понатаму ќе тече процесот, еве шанса во тој контекст Бугарија да се изјасни во прилог на таков механизам да билатерални прашања не бидат пречка за евроинтегрирање”, изјави Зоран Димитровски, Заменик министер за надворешни работи.

 

 

Иако дел од експертите ваквиот предлог го оценуваат за добар, скептични се дека соседна Бугарија би се согласила.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека официјална Софија сега ужива во комотна позиција во која може да користи вето и не би ризикувала да го изгуби тоа. Вели дека треба да се има предвид и моменталната домашна политичка сцена каде спорот со Бугарија стана прашање на политички рејтинг.

 

,,Иако формално тој е добар предлог и ќе ги двои билатералните прашања од прашањата на евроатлатските итеграции, веројатноста дека Бугарија ќе се согласи на таков предлог засега останува многу мала. Не гледам причина зошто Бугарија би се откажала од еден процес во кој има целосна контрола преку вето и би го заменила со некој процес во кој нема целосна контрола, како на пример некаква меѓународна, независна и обврзувачка арбитража. Во таа смисла пресекот на можните решенија од страна на Бугарија и од страна на Македонија не укажува на тоа дека ние можеме да најдеме некаков таков предлог. На пример Македонија сака да ги стави идентитетските прашања ad acta, односно за нив не сака да разговара, а Бугарија пак само за тие прашања сака да разговара, само тие прашања им се важни”, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

 

И додека се очекува ваквиот предлог да се разработи, спорот меѓу Скопје и Софија останува отворен. Македонија, вели Димитровски бара механизам и јасни пораки од Бугарија дека нема да не попречува на патот кон ЕУ со историски и идентитетски прашања.

Земјава е подготвена, вели тој, да ги преземе сите обврски од Преговарачката рамка освен вториот Протокол.

Токму за него во следниот период се очекува да се произнесе и Уставниот суд откако беше оспорен по неколку основи, пишува Канал 5.

Интервјуто на заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски за вести плус на Канал 5

Најнови вести од: Македонија

Oд 1 септември ќе биде пуштена во сообраќај првата линија на „Градски воз“

Проектот Градски воз напредува одлично, до јуни ќе биде завршена линијата од Зелениково преку Драчево, Кисела Вода до Нова железничка станица, а од 1 септември пуштена за сообраќај, информираше министерот за транспорт Александар Николоски.

Љутков до Синдикатот на културните работници: Избравте судир и создавање на криза

Евентуално поништување на Колективниот договор, ќе биде неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ, смета министерот

Мицкоски: Пораката на Велигден нè повикува да се издигнеме духовно и да ги надминеме сите поделби

Во овие времиња на предизвици, како што вели премиерот „сите ние сме повикани да си подадеме рака, да застанеме рамо до рамо и заеднички да го градиме нашиот единствен дом – Македонија“.

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова до верниците од католичка вероисповед за Велигден

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и епарх струмичко-скопски и до сите верници од католичка вероисповед.

To top