За година ипол имаме 24 нови дестинации од двата македонски аеродроми, а Скопскиот аеродром е со најголем процент на раст во регионот. Следува зголемување на капацитетите и модернизирање на аеродромите – истакна во гостување во емисијата “Стадион” на Канал 77, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
- До денес имаме 24 нови дестинации од двата аеродроми. Ги има од „Визер”, но ги има и други компании. Пред неколку дена ги објавивме новите поврзувања со Братислава и Милано, веќе следно ќе имаме поврзување Охрид – Виена, кој што ќе е со “Аустриан Ерлајнс”, така што различни компании отвараат различни дестинации – рече Николоски.
Во споредба со останатите аеродроми во регионот, Николоски истакна дека процентот на раст на Скопскиот аеродром за оваа година, според реномираните списанија за авиосообраќај, ќе биде најголем во однос на останатите аеродроми во регионот. Вицепремиерот исто така најави дека веќе се размислува за зголемување на капацитетите на македонските аеродроми.
- Уште сега постојат услови да се отворат уште 6 шалтери на постојниот терминал на скопскиот аеродром, а за брзо време ќе започнеме и целосна реконструкција на Охридскиот аеродром, кој што треба во помала варијанта да заличи на Скопскиот, една модерна терминална зграда која што ќе се изгради таму, најави министерот за транспорт – Николоски.