Македонија

Интервју со Елена Андоновска: Националното чувство на сите Македонци е пораснато, народот ја цени секоја изведба на македонска песна

За неа велат дека има глас како славеј и веќе сега може да се стави во редот на великаните на македонската изворна песна но таа е скромна…

Елена Андоновска од тинејџерски години со душа ги пее македонските изворни песни и го промовира македонскиот фолклор кој го користи и како мотив во гардеробата за настапи.

 

 

За неа колегите велат дека има глас како славеј а веќе сега може да се стави во редот на великаните на македонската изворна песна.

Скромна и приземна таа не сака да се споредува со доајените како Васка Илиева,  Никола Бадев, Вања Лазарова и другите легенди но е горда што може да продолжи по патеката кои тие ја втемелиле.

Важи за неформален амбасадор на македонските ора, танци и песни.

По професија е етнокореолог, работи во националниот ансамбл„Танец“ а најголемата поддршка за нејзината работа доаѓа од сопругот Маријан кој е професионален играорец и од трите сина.

Интервјуто со неа expres.mk го прави неколку дена пред нејзиниот концерт кој е закажан за 15 Декември во Македонската опера и балет каде се очекува мал спектакл за вљубениците во македонскиот ритам и фолклор.

Expres.mk: Изворната музика и македонскиот фолклор се темел на македонскиот идентитет. Го разбира ли тоа вашата публика или повеќе се интересира за изведбата и мелодијата?

Е.Андоновска: Последниве години сметам дека националното чувство на сите Македонци е пораснато, па и во поглед на музиката народот ја цени секоја изведба на македонска песна без разлика за каков музички жанр станува збор.

Македонската публика покрај тоа што го разбира темелот и значењето на народната музика, има високи критериуми во однос на изведбите на песните. Голем дел од повозрасната публика ги има доживеано, слушнато, пеено народните песни во разни прилики, па нивното мислење го сметам за релевантно.

Expres.mk: Колку ваши колеги ги почитуваат и ги користат во својата работа традициите на изворната македонска музика?

Е.Андоновска: Не е едноставно да се работи ваков тип на некомерцијална музика. Оваа музика повеќе опфаќа уметнички рамки одколку комерцијални и не може да претставува основен извор за егзистенција. Голем дел од колегите од естрадата токму од тие причини не ја изведуваат активно но не станува збор за тоа дали ја почитуваат…

Expres.mk: Последниве месеци имаше дебата за повластената позиција што ја имаат музичарите од странство на сметка на македонските музичари. Деновиве новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓеорѓиевски најави дека за Нова година на плоштадот Македонија ќе пејат само уметници од Македонија.

 

Е.Андоновска: Со повеќето колеги во нашите разговори го делиме ставот дека за промените во однос на репертоарот треба колективно да се делува. Ако е присутна повеќе македонска музика (според мене целосно македонска) на живите настапи, толку повеќе и публиката ќе се навикне на неа, колективно ќе ја респектираме, и сето тоа ќе влијае и на зајакнување на националното чувство. Најчесто на оваа тема разговарам со моите колеги во Танец каде што македонската народна песна ни претставува примарна работа.

Expres.mk: За неколку дена македонската публика ќе има можност да ужива во вашата работа. Што може да очекува јавноста на вашиот концерт што ќе се одржи на 15 Декември во МОБ.

Е.Андоновска: Неможам да опишам со каков жар и каква љубов кон народната музика се подготвув мојот концерт „Запеало славеј пиле“. Колегите музичари како едвај да чекаат да се „нахранат“ со нешто кое звучи толку скромно, а толку моќно, емотивно, раскошно. Како да сме сити од се што споменавте и едвај чекаме да доживееме културен музички шок. Такво нешто и најавувам да се случи на 15 Декември во Македонската опера и балет.

 

Expres.mk: Се грижи ли државата за својата изворната музичка традиција?

 

Е.Андоновска: Според мене државата треба да се грижи многу повеќе, пред се бидејки оваа музика во себе носи корени од постоењето на еден древен народ, крие историја, и е едена од најзначајните сегменти на духовната култура на македонскиот народ. Задолжително е да се обезбеди повеќе сценски простор за оваа музика.

Конкретно во мојот случај, државата има поддржано пет мои проекти вметнувајки ги во програмата на Министерството за култура и туризам како проекти кои се од национален интерес за Македонија.

Expres.mk: Не сме чуле одамна да се направи омаж на големите македонски пејачи/чки кои ја прославија македонската песна низ екс ЈУ и светот.

Е.Андоновска: Не само што не се прави омаж, дел од нив се подзаборавени некои и целосно незабележани, но сето тоа е резултат на нашето колективно неделување на оваа тема. Додека одредени изведувачи се трудат да ги одржат во живот песните кои нашите доајени ги испеале и се печатот за едно време во македонската музичка историја, од другата страна се нападнати со остри критики зошто препејуваат а не создаваат авторска музика. Според мене музиката доколку се доживее како уметност и хоризонтите во делот на творењето ќе ни бидат поголеми. Убаво е паралелно да се создава и нова музика, и да се препеваат народните песни, секој според тоа како чувствува и каков интерпретаторски капацитет поседува.

Expres.mk:  Има ли математика во овој вид на музика, речиси сум сигурен дека ако немате љубов кон ова што го правите не можете да опстанете во светот на музиката каде профилите како Азис и Лукас доминираат на пазарот?

Е.Андоновска: Само од овој вид на музика во Македонија не може да се егзистира во никој случај. Не станува збор за тоа дека немаме добри вокални интерпретатори, добри музичари инструменталисти (ги има и тоа во голем број). Проблемот е во приоритетите кои се даваат кога е во прашање музичката – концертна сцена. „Ако настапуваат домашни артисти нема да има публика“ – апсолутно не се согласувам. Кога бев дете имаше една пропаганда „Купувајте Македонски производи“ се сеќавам колку внимателно одбиравме со моите родители кога купувавме. Проблемот во голема мера доаѓа од дома. Се сѐ сведува на едукација и домашно воспитување.

 

А. Ѓ.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top