Македонија

Истражување на ИДСЦ: Расте поддршката за членство во ЕУ, но останува голем отпорот кон уставните промени

Дури 71 процент од граѓаните се за членство на Македонија во Европската Унија, покажува најновото истражување на Институтот за демократија Социетас цивилис. Истражувањето, кое денеска беше претставено во Собранието, покажа дека ЕУ континуирано се гледа како најдоверлив партнер на Македонија сега и поради неизвесната политика на САД. Зголемен е бројот на граѓани кои ја сметаат Македонија како земја која припаѓа на Западот, особено по дилемите изминативе години за вртење кон исток.

Директорот на Институтот Марко Трошановски, вели дека се работи за голем скок кај поддршката за ЕУ, особено што тоа се должи на сменетото расположение на македонската заедница. Намален е процентот на граѓаните кои сметаат дека Македонија направила доволно и дека веќе не треба да прави ништо. Тука е забележан пад од осум отсто. 

Трошановски вели дека се нереални очекувањата дека ќе се смени условот за уставни промени и ги повика партиите да работат веднаш на реформите. „Немаме повеќе изговори за одредени законски решенија. Ова е нашата единствена домашна задача. Сѐ друго е потрошен живот и потрошена политика“, рече Трошановски.

Отпорот кон уставните промени и натаму е голем. Но, Трошановски оценува дека реалноста не е таква, нагласувајќи дека од статус-квото губат и двете страни, а пред сѐ македонските граѓани.

„Затоа, време е да подадеме рака на бугарскиот сосед, да ги уважиме нивните интереси и да побараме решение според европските стандарди“ вели тој.

Порастот на поддршката за ЕУ во однос на лани е речиси за 10 отсто. Според истражувањето, поддршката расте и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ што веројатно се должи на нивното доаѓање на власт.

Истражувањето на јавното мислење е спроведено во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година, на примерок од 1.003 испитаници. Примерокот е национално репрезентативен според пол, возраст (над 18 години), етничка припадност, а ги опфаќа и испитаниците од сите шест изборни единици во државата. Резултатите се прикажани во проценти и подлежат на статистичка грешка од ±3%.

Најнови вести од: Македонија

ЈСП губи патници: Дали во Скопје умира јавниот превоз и како да се зачува градската навика?!

Најголемиот недостаток во досегашните дискусии за јавниот превоз е што БРТ, лесното метро, градскиот воз и класичните автобуси често се третираат како одвоени решенија. Но, модерниот јавен превоз функционира токму спротивно – како мрежа во која различни видови транспорт се надополнуваат.

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Чествувањето на 23 Октомври во рамките на политичкиот дискурс во Македонија служи како инструмент за мобилизација на јавното мнение и потсетување на колективната меморија. Политичките елити го користат овој историски датум не само за оддавање почит кон жртвите од минатото, туку и за легитимирање на сопствените политички агенди поврзани со реформите, европските интеграции и заштитата на националните интереси.

To top