Македонија

Јаневска: Квотите за упис се намалени на сите универзитети

Квотите за упис на студенти во прва година на македонските универзитети годинава се намалени за околу 2.000 места, особено кај студиските програми каде што има поголем број невработени, додека техничките науки и информатиката остануваат со речиси непроменети квоти.

Screenshot

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за Македонската информативна агенција – МИА посочи дека намалувањето е направено според потребите на пазарот на трудот. Најмногу се намалени местата во областите бизнис-администрација, јавна администрација, како и дел од студиските програми на економските и правните факултети и медицинските струки. За разлика од нив, техничките струки, информатиката, машинството и градежништвото остануваат со речиси идентични квоти, бидејќи, според Јаневска, вработливоста во овие области достигнува меѓу 98 и 99 проценти.

Министерката очекува до крајот на август да продолжи и собраниската расправа за трите закони од областа на високото образование и науката, кои во моментов се блокирани поради барањето на албанскиот опозициски блок за примена на Бадентеровиот принцип. Таа очекува да надвладее разумот и законите да бидат донесени во интерес на младите. Од оваа академска година, студентите ќе почнат да се враќаат и во првите два целосно реконструирани студентски дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Во „Стив Наумов“ сместувањето ќе започне од 1 октомври, додека „Кузман“ се очекува да ги отвори вратите од 1 ноември.

По реконструкцијата ќе се промени и цената за сместување. Во „Стив Наумов“ сегашната цена од 3.500 денари ќе биде зголемена на речиси 6.000 денари, при што државата и понатаму ќе покрива поголем дел од трошоците. Јаневска се осврна и на учебниците, посочувајќи дека нивната дистрибуција до училиштата е при крај и оти не се очекува недостиг во учебната 2026/2027 година. Училиштата што навреме не го пријавиле потребниот број учебници ќе треба самите да го обезбедат, бидејќи Министерството испорачува според доставените нарачки.

Во однос на бројот на првачиња министерката посочи дека годинава има повеќе од 4.000 помалку запишани деца во споредба со минатата година, но нагласи дека бројката не е конечна. Според неа, бројот до крајот на септември ќе се намали, бидејќи дел од родителите сè уште не ги запишале децата, а во дел од училиштата податоците не биле внесени навреме во електронскиот дневник.

Најнови вести од: Македонија

Мирис на свадбарски купус, домашни специјалитети и есенска дружба: Утре „Есенско пазарче“ во Ново Село, Кумановско

Утре, 25 октомври, во Туршијара „Суперкиз“ во Ново Село посетителите ги очекуваат традиционални вкусови, настап на фолклорниот ансамбл „СРМА“, детски активности и работилница за компост. Пазарчето започнува во 10:30 часот.

Милошоски: Македонија е добро позиционирана и кон САД, но и кон ЕУ

Македонија може да води избалансирана и стратешки усогласена надворешна политика, која ќе овозможи истовремено продлабочување на стратешкото партнерство со САД преку дијалогот за стратешко партнерство како и зајакнување на политичките и економските врски со европските партнери

To top