Македонија

Јотова „не“ била информирана за доаѓањето на Ива Михаилова во Бугарија, изрази подготвеност да се сретне со неа

На прашањето дали знае како Михаилова ја напуштила Македонија и каква реакција очекува од властите во Скопје, Јотова одговори дека сè уште има прашања што треба да се разјаснат

Бугарската претседателка Илијана Јотова ќе го чека заклучокот на лекарите од болницата „Пирогов“ за здравствената состојба на 23-годишната Ива Михаилова, која замина од Македонија и покрај тоа што ѝ биле одземени личните документи и ѝ се суди во Кочани поради сообраќајна несреќа со смртни последици.

Јотова, одговарајќи на новинарски прашања по учеството на меѓународна конференција за безбедност во Црното Море во Софија, рече дека дознала за враќањето на Михаилова во Бугарија утрово и дека нема информации за околностите под кои ја напуштила Македонија.

„Разбрав дека таа веќе е во Бугарија откако излегов од телевизиско студио на БТВ. Претпоставувам дека сега ќе биде прегледана во Пирогов, бидејќи за време на конференцијата дознав дека претстои таков преглед. Ќе почекаме да видиме каков е заклучокот на бугарските специјалисти. За жал, во овој момент не можам да дадам повеќе информации“, одговори Јотова.

На прашањето дали знае како Михаилова ја напуштила Македонија и каква реакција очекува од властите во Скопје, Јотова одговори дека сè уште има прашања што треба да се разјаснат.

„Ќе видиме. Сè уште има многу нејасни околности. Мислам дека надлежните органи во Бугарија прво треба да дадат изјава“, кажа шефицата на државата.

Јотова изрази подготвеност лично да се сретне со Михаилова што е можно поскоро, доколку нејзиното здравје го дозволи тоа.

На прашањето дали нејзиното враќање би можело да претставува безбедносен ризик, таа рече дека не гледа таква опасност.

„Нема начин безбедноста да биде загрозена. Прашањето сега е да се види каква е нејзината состојба и да се преземат итни мерки на кои инсистираме толку месеци – не само тука во Бугарија, туку и пред сите меѓународни институции“, вели Јотова.

Веста дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија утринава ја објави бугарската БТВ.

Во изјава за медиумот, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба одлучила да се врати во Бугарија.

Таа, како што објави претходно „360 степени“, била на стоп-листата на МВР. Повикувајќи се на информации од заедничкиот контакт-центар, од МВР соопштија дека ниту македонската ниту бугарската гранична полиција не евидентирале излез од Македонија, односно нејзин влез во Бугарија.

Михаилова, пак, во изјава за бугарските медиуми рече дека нема ништо нелегално во преминувањето на границата и дека тоа го сторила со своите лични документи.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека двата пасоша на Ива Михаилова – и македонскиот и бугарскиот – ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествувала во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани.

Оттогаш Обвинителството во повеќе наврати дало негативно мислење за враќањето на пасошите поради ризикот од бегство.

Најнови вести од: Македонија

Топлификација пријатно ќе ги изненади корисниците

Од утре, 13 октомври 2026 година, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системите за централно греење во Скопје, со кои управува АД ЕСМ преку ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје и Подружница „Енергетика“

To top