Македонија

Кекеновски: Од државотворна партија СДСМ стана урнатина, а Филипче е лидер без идентитет, поради блискоста со неговиот ментор Заев!

„Денешната пресметка во СДСМ не е борба меѓу левица и центар, меѓу традиционална и модерна социјалдемократија или меѓу различни економски и национални политики. Тоа е борба меѓу групи што сакаат да докажат дека токму тие имаат право да управуваат со преостанатата партиска инфраструктура: членството, имотот, финансиите, општинските организации, пратеничките места и можноста еден ден повторно да се учествува во власта.“ – нагласува универзитетскиот професор д-р Јове Кекеновски во својата колумна со наслов „СДСМ: Од државотворна партија до политичка урнатина – хроника на едно самоуништување“ (втор дел).  која ја објави „Плус инфо“.

Натаму, покрај другото,  Кекеновски истакнува: Основниот проблем на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, не е само неговата политичка и лична блискост со Зоран Заев, туку фактот што и по преземањето на партијата не успеа да изгради сопствен, јасно препознатлив политички и идеолошки идентитет. Значаен дел од членството тешко може во него да препознае идеолошки водач способен да ја врати партијата кон нејзините изворни вредности.

Дополнителен политички товар претставува неговата постојана лична и политичка блискост со Зоран Заев. Таа не произлегува само од фактот што Заев го избра за советник, министер и еден од своите најблиски соработници, туку е јавно видлива и преку нивните приватни дружења и заеднички појавувања, вклучително и присуството на приватна забава во Дубаи. Сериозен проблем е кога лидерот на една длабоко поразена партија треба да ја убеди јавноста дека нов почеток е неговата постојана блискост со човекот, чиј начин на владеење и кадровска политика се меѓу причините за кризата. Филипче досега не покажа дека сака да се еманципира од политичкото наследство на Заев. Не направи убедлив кадровски пресврт, не понуди поинаков идеолошки правец и не се дистанцираше од моделот во кој личната лојалност и припадноста кон тесниот владејачки круг беа поважни од внатрепартиската демократија и јавниот авторитет.

Врз неговиот кредибилитет дополнително тежи трагедијата во тетовската модуларна болница, која се случи додека тој беше министер за здравство и во која животот го загубија 14 лица. Филипче не беше обвинет во конкретниот судски процес и не е судски прогласен за виновен, поради што не може без докази да му се припишува кривична одговорност. Затоа Филипче влегува во битката за спас на СДСМ не како неоптоварен реформатор, туку како поранешен висок функционер врз чиј мандат сè уште лежат сериозни неодговорени прашања. Наместо да претставува убедлив раскин со старите практики, тој во очите на значаен дел од јавноста и членството останува политички наследник на Заев и чувар на континуитетот со моделот што ја доведе партијата до сегашната состојба.

Борба за сопственост врз урнатините

Денешната пресметка во СДСМ е борба за сопственост врз урнатините меѓу групи, што сакаат да докажат дека токму тие имаат право да управуваат со преостанатата партиска инфраструктура: членството, имотот, финансиите, општинските организации, пратеничките места и можноста еден ден повторно да се учествува во власта. Во таа борба речиси никој не зборува за работникот, земјоделецот, младите што се иселуваат, пензионерите, малите претприемачи, животниот стандард и другите суштински социјални и економски проблеми. Партија што себеси се нарекува социјалдемократска, а нема јасни одговори и решенија за социјалните разлики, експлоатацијата на трудот, монополите, сиромаштијата, веќе не е идеолошка партија. Таа е само изборна машина што чека нов лидер и нова можност за власт.

Во сегашната состојба и со сегашниот начин на размислување – СДСМ нема шанса. Тоа не значи дека во Македонија нема простор за силна социјалдемократска партија. Оваа партија не може да се обнови со замена на едно лице со друго, додека зад нив остануваат истите мрежи, истите покровители, истите навики и истата политичка неодговорност.За да преживее, СДСМ би морал да направи целосен организациски, морален и идеолошки пресврт: да се ослободи од надворешните и неформалните центри на влијание, да обезбеди вистинска внатрепартиска демократија, да ја отвори партијата за нови и кредибилни луѓе и јавно да ја признае сопствената одговорност за грешките направени во периодот од 2017 до 2024 година.

Пред сè, би морал повторно да стане социјалдемократска партија, а не здружение на поранешни и сегашни функционери.СДСМ не беше победен само од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу беше победен од самиот себе во моментот кога идејата ја замени со лидер, лидерот со тесен круг, тесниот круг со мрежа на интереси, а политичката визија со борба за наследување на партијата. Додека не го разбере тоа, секој нов претседател ќе биде само нов управник на истата политичка урнатина, заклучува Јове Кекеновски во својата колумна.

 

Најнови вести од: Македонија

Илиевска: ВМРО-ДПМНЕ го исполни ветувањето, за две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од 7.000 денари

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги исполнува дадените ветувања и да работи во интерес на граѓаните. Една од најзначајните мерки за директно подобрување на животниот стандард е линеарното зголемување на пензиите за 7.000 денари за поголем број пензионери. Пред изборите ветивме дека ќе направиме сѐ што е можно за да обезбедиме линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. И наместо тоа, Владата реализира уште повеќе и за пензиите, за секој пензионер линеарно ги зголеми за 7.000 денари, вели Дијана Илиевска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Над 40 проекти на првата конечна приоритетна листа за јавни инвестиции

Четириесет и еден предлог проект содржи Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции, што на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции ја усвои Владата. Листата ги содржи предлог проектните идеи подготвени и проверени од страна на иницијаторот, односно институцијата којашто го има доставено, а потоа оценети од страна на Министерството за финансии и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.

Мицкоски: Жртвата на бранителите – трајно потсетување дека мирот, слободата и безбедноста имаат своја цена

„Денес одбележуваме 25 години од трагичниот настан кај Љуботенски Бачила, ден кога Македонија се сеќава на осумте македонски бранители кои ги положија своите животи за мирот и безбедноста на својата татковина.“ – објави претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на својот официјален фејсбук-профил.

To top