Во обемна изјава објавена по силните реакции што ги предизвика една негова објава на социјалните мрежи, Директорот на Агенцијата за заедниците Далибор Китановиќ категорично одбива какви било наводи дека со поддршката за покојниот Ратко Младиќ свесно навредил, понижил или повредил припадник на кој било народ, вера или етничка заедница. Тој нагласува дека целиот негов живот бил граден врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, без разлика на име, јазик или национална припадност.
„Јас, Далибор Китановиќ, со ниту една своја постапка – ниту во приватниот живот, а уште помалку при извршувањето на јавна функција – никогаш свесно не сум навредил, понижил или повредил припадник на кој било народ, вера или етничка заедница. Напротив, целиот мој живот сум го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, помагајќи им на луѓето без да прашувам како се викаат, на кој јазик зборуваат или на кој народ му припаѓаат“, се вели во изјавата.
Китановиќ потврдува дека спорната објава ја избришал речиси веднаш по нејзиното објавување.
Истовремено, тој одбива да се откаже од „вистината на сопственото семејство“. Дел од неговото најблиско семејство во Босна и Херцеговина, според него, преживеало воени околности благодарение на регуларните воени единици предводени од генералот Ратко Младиќ. Тоа, како што истакнува, е дел од личното и семејното искуство кое никој нема право да бара да биде избришано од меморијата.
„Моето лично чувство на благодарност за спасените членови на моето семејство никогаш не било, ниту ќе биде, негирање или омаловажување на туѓата болка, туѓите жртви и туѓите загуби“, додава тој.
Од овој момент, според Китановиќ, извинувањето завршува, а започнува неговиот одговор на она што го опишува како „хајка“. Реакциите во изминатите денови, тврди тој, одамна ги надминале границите на легитимната критика и се претвориле во организирана политичка и медиумска пресметка, јавно жигосување и обид за политички линч. Од една избришана објава, според него, се конструира обвинителен акт не само против него лично, туку и против неговата партија, па дури и против народот на кој му припаѓа.
Тој посочува на лицемерие кај оние кои денес делат лекции за морал, мир и соживот, а чие политичко минато е оптоварено со тешки настани од поновата македонска историја, како и кај оние што со политички одлуки овозможувале тие прашања да останат без целосна институционална разрешница. Посебно критикува медиумски центри блиски до таквите структури кои, според него, организираат јавни судења и однапред изрекуваат пресуди.
Китановиќ нагласува дека е подготвен да ја понесе одговорноста за секој свој збор, но не и за туѓите манипулации со неговите зборови. Тој одбива неговото повлекување на објавата да биде протолкувано како признание за нешто што не го направил, како и неговата човечка пристојност да се смета за слабост. Исто така, одбива преку него да се навредуваат неговиот народ или неговата партија.
Посебно се извинува на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и на членовите на Владата, кои поради неговата објава биле непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност.
На „политичките мршојадци, дежурните морални судии и оние што туѓата болка ја претвораат во политичка муниција“ им порачува: „Не тргувајте со жртвите. Не градете политички кариери врз гробови. Не користете ја трагедијата на еден народ за да го навредувате другиот. И не очекувајте дека под притисок на организирана хајка ќе молчам додека преку моето име се плука по мојот народ и моите политички убедувања.“
Китановиќ повторува дека се извинува кога некого повредил – и тоа го прави без задршка. Но, категорично одбива да клекне пред политички линч, да се откаже од сопственото достоинство, од семејното сеќавање или да дозволи оние што денес најгласно судат да ја препишуваат историјата и да определуваат кој има право на својата болка.
На крајот од изјавата, тој упатува на повисока инстанца: „Над политиката, над медиумските пресуди, над моќта и над човечката суета постои суд пред кој сите сме еднакви. Над сите нас е еден Господ. И Тој, а не политичките штабови, партиските гласноговорници или медиумските инквизитори, ќе го има последниот збор.“
Изјавата ја завршува со цитат од Библијата: „Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сè што ги весели.“ (Исаија 5:14 – За неродното грозје Господово).
Со оваа обемна и енергична реакција, Китановиќ јасно ги повлекува линиите меѓу личното извинување за евентуална повреда и одбивањето на она што го смета за организирана политичка кампања против него, неговата партија и неговиот народ.