Македонија

Коцевски бара повеќе пари за Обвинителството

Едно вештачење за мазут е 1.500 евра, а потребни се над 300

Откако денеска премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе се донесат законите со кои ќе се овозможи финансиската независност на правосудните органи и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците побара повеќе пари за Јавното обвинителство во Буџетот за 2026 година.

Тој рече дека истите барања ги повторуваат секоја година, а Европската комисија во последниот ивештак нотира дека за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на судството.

– Верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал од тековната година, што е нелогично во услови кога сите трошоци растат – рече Коцевски.

Тој додаде дека не станува збор за средства за покачување на платите ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници, како ни за додатоци и тие износи се исти како и годинава.

– Најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на Обвинителството – рече Коцевски.

Со реформската агенда пред Јавното обвинителство, но и пред сите нас како држава стојат сериозни реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026 година, а тоа не се само законски измени, туку и јакнење на капацитетите и на опремата во истражните центри, на канцеларијата за поврат на имот, на финансиските истраги кои ќе резултираат со конфискација и др.

– За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат – рече Коцевски.

Тој повтори дека состојбата со кадар е лоша и дека работат со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба, а нема одобрување за нови вработувања.

– Недостигаат околу 30% од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата за судии и јавни обвинители и најмалку во следните 3 и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива – рече Коцевски.

Тој истакна дека годинава се соочиле со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал и наведе пример дека ОЈО ГОКК работи на предмет поврзан со квалитетот на мазутот и неговото влијание врз здравјето, при што за вештачење на еден примерок кое мора да се врши во странство се потребни 1.500 евра, а треба да се извештачат над  300 примероци.

– Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа – апелираше Коцевски.

Најнови вести од: Македонија

Зошто во Македонија не може да се забрани користење на социјалните мрежи за малолетници до 15 години?!

Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола, велат од Владата.

Граѓаните со душа чекаат нормален паркинг на Клиника, оти со саати кружат барајќи место

Нема повеќе никакви пречки да се градат катни гаражи во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Владата, на последната седница, донесе одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар. Според Владата, со оваа одлука се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.

Трендафилов се претставува како жртва, а зема плата од скоро 1.000 евра, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Од пратеничката група сметаат дека Слободан Трендафилов ќе остане запаметен како „синдикалец“ кој нема склопено ниту еден договор корисен за македонскиот работник во текот на целиот негов мандат. Сметаат дека нападот врз Стојаноска е само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и велат дека Трендафилов треба веднаш да си поднесе оставка и наместо да глуми жртва по медиуми, да подготви одбрана пред истражните органи за своето расипништво.

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ видеото со децата на Трендафилов не е напад врз семејство

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ објавеното видео не е напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“, а „нападот“ врз Стојаноска бил само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и кој кога нема аргументи, се служи со навреди и етикетирања.

(Фото): Претседателот на ССМ, Трендафилов, бара истрага – вели: „Ми ги следат децата“

Во пресрет на блокадата од страна на ССМ кон бизнис секторот, а во врска со барањата за минималната плата и повисоки плати на работниците, претседателот на ССМ Трендафилов побара сите надлежни институции да реагираат на објавата на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска. Трендафилов бара кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца.

To top