Пишува Драган Милосављевиќ
Ниче тоа го нарекува превреднување на сите вредности. Немам намера да му парирам со варијанти на големиот мислител, но имам намера да прашам: Кога ќе ги извадиме од плакарот сите алишта, особено валканите, па и мумиите (не мислам на Бранко Црвенковски), да ги ставиме на маса и отворено да поразговараме за тоа кај сме, кои сме, што сакаме и каде одиме? Да направиме демистификација на сите митови, легенди и заблуди. Да разгоавараме јавно за се, без исклучок. Отворено, без ракавици, да ги свртиме картите и да си кажеме сами на себе каква е реалноста наместо да се залажуваме со она што ние би сакале да е вистина.
Да зборуваме што точно сакаме од ЕУ, дали тоа што го сакаме има шанса да го добиеме и уште поважно, дали ЕУ воопшто сака нешто од нас и нешто со нас? Ајде да зборуваме за САД. Не со омраза против „светскиот тиранин“ и не со заљубеност во „лулката на демократијата“ туку низ себичната призма на нашите интереси. И за Британија и за Русија и за Кина, а особено за Србија, Грција, Албанија и Бугарија. Кога сме кај Бугарија, ќе се осмелиме ли да расправаме за историјата, неважно дали од таа расправа ќе излеземе горди или разочарани. И во таа наша расправа Бугарите и нивните напорни, досадни теории нека си останат сосоем неважни, но да зборуваме со факти, извори и научни аргументи иако е јасно дека некои од нив нема да ни се допаднат.
Зошто да не ја извадиме од орманот и војната во 2001? Зошто се правиме како да не се случила? Или како воените дејства да биле во Багладеш а не на неколку километри од центарот на Скопје. Како да се работеше за судир меѓу Зулу и Туту, наместо межу Македонци и Албанци?
Понатаму, зошто не му излезме гради во гради на капиталистичкиот поредок, заедно со демократијата во кои влеговме подготвени колку што е подготвен Иран да прифати фестивал на свињи во Техеран? Да зборуваме и за комунимот кој на постарите генерации се уште им е во срце. Иако им излее на нос не така одамна.
Толку ли е тешко да се раскараме ако треба за нашата далку позната гостпримливост, отвореност и хуманост. Дали се плашиме дека ако загребеме под површината може да пронајдеме силни изблици на ксенофобија, подла дискриминација, па дури и расизам? Еден лик „ничим изазван“ се изглупира за „машкиот надор“ и го навлече гневост на целата женска популација во земјата, но зошто да бегаме и од таа тема? Дали жените навистина забегаа во искривоколче мажомрзечки феминизам и дали мажите позади надворешната маска на либерални и прогреивни елементи всушнст во себе кријат шовинизам од најзадрт балкански вид?
Да се отвориме и за црквата, молам убаво, за скопјаните и „дошљаците“ што го „загадуваат градот убав“, за криминалот уличен и криминалот организиран, па за партиите и нивната реална улога во нашата пропаст. Ајде и за идолите на младината да гукнеме. Па да се прашаме зошто дома на сите ни е чисто и изгланцано а надвор е кочина. Може ли за етничките бариери, за меѓуверските бракови, за ЛГБТ и за бркањето на неподобните. И за сите други важни и помалку важни теми. Не реда ради. Не заради Европа на која „и се прди за нас“ и не за да се самоправдаме во надеж дека Господ ќе ни ги прости гревовите ако малку му продаваме демагогија. Јок. Да разговараме и да видиме што ќе остане од нас. Дури и да остане само лошо, а нема, пак ќе биде добро бидејќи вистината ослободува. Знае да боли, но и пораѓањето боли ама со него почнува нов живот.