Македонија

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Коле Неделковски: Глас од Македонија

 О, трајте, трајте, тирани ниедни! / Доста се тија лаги и злоба – / пакостен глас од устите гадни / над мојот народ у секоја доба. / Таа ете веќе векови цели / пишка и стенка од волци гости- / за брата вијат кој да го дели, / за да му глода сувите коски. / Па нека сега сам да си реши / со своја волја судба и сева, / в животот еднаш сам да се теши, / д’ издигне славно свој род без врева. / Та Шар и Пирин дружно да викнат / родната песна в небеса темни и бурниот Егеј – на век да плиска / тешкиот глас на новите химни.

Коле Неделковски е истакнат македонски поет и револуционер, кој живее и твори меѓу двете светски војни. Роден е на 16 декември 1912 година, во селото Војница, близу  Велес. Со поезија почна да се занимава како ученик во велешката гимназија Во 1938 година на страниците на „Илустрација Илинден” објавена е неговата прва песна “Стојан војвода” („Стојан на Ордановци”). Една година подоцна во Македонскиот книжевен кружок другарува со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други познати Македонски револуционерно- книжевни дејци. Кон крајот на 1939 година ја издава својата прва стихозбирка „М’скавици“, со која го поддржува трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски литературен јазик.

Во 1940 година станува член на диверзантска група „Млади антифашистички борци”. Во август 1941 година излегува од печат неговата втора книга „Пеш по светот”. Само десет дена подоцна, на 2 септември 1941 година, Коле Неделковски го завршува својот живот, при обид на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живееше. Останува неразјаснето дали беше фрлен од полицајците, или самиот скокна преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдуваат само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна на местото на настанот е поставена спомен плоча, која подоцна исчезнува.

Иако писмената активност на Македонски јазик во периодот меѓу двете светски војни е многу намалена, сепак веќе во 30-те години на 20 век повторно заживува пишувањето на македонски јазик во тогашна Бугарија и во тогашна Југославија и покрај тоа што можностите за објавување текстови на македонски јазик се многу ограничени. Во Бугарија македонскиот јазик е забранет за официјална употреба, а асимилаторската политика на Бугарија имаше за цел да го уништи македонскиот национален идентитет. Во овој период Пиринска Македонија претставува глува провинција во составот на бугарската држава. Македонскиот културен живот во Бугарија доаѓа до израз преку активноста на македонската имиграција во Софија, организирана преку Македонскиот литературен кружок. Меѓу позначајните книжевни појави од овој период се издвојуваат поетските збирки од Коле Неделковски: М’скавици (1940) и Пеш по светот (1941).

Во 1932 година, на 20 – годишна возраст, по повод смртта на еден другар, Коле ја пишува песната „Проштално писмо“, која не е зачувана. Во  1933 година, крајно разочаран од неможноста за духовен развој на македонскиот национален индивидуалитет, поради репресијата на великосрпските власти, Неделковски по кратко задржување во Атина се сели  во Бугарија. Пројавувајќи силна љубов кон поезијата и кон македонското народно творештво, дење работи како декоратер, а во долгите ноќи проучува материјали од минатото на својот народ. Преку Зборникот на Миладиновци деноноќно другарува со македонската народна песна, а во тоа време ги пишува и своите изгнанички песни. Коле Неделковски започнува во јули 1938 година, кога во списанието „Илинден“ на Илинденската имигрантска организација ја објавува песната „Стојан Војвода”. Во есента истата година, по формирањето на Македонскиот литературен кружок во Софија, Коле станува негов активен член. Неговите творечки немири најдоа плодно тло во средината на неговите истомисленици и врсници: Никола Јонков – Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Митрев и другите.

Во наредниот едногодишен период Коле објавува уште пет песни, а во 1940 година ја објавува и првата стихозбирка “Молскавици”, посветена на мајка му, која содржи 16 песни. Делото на Коле Неделковски претставува инспирација и за повеќе современи македонски поети. Зборувајќи за создавањето и активноста на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938 – 1941), академик Гане Тодоровски, во една пригода ја подвлече мошне јасната позиција на поетот во однос на националното прашање. Вљубеникот во народната поезија на сопствениот народ и предвесник на новото време, Коле Неделковски, во август 1941 година ја објавува својата втора стихозбирка „Пеш по светот”, посветена на младите Македонски борци. Покрај истоимената поема, ова дело на Неделковски содржи уште седум песни. Тие претставуваат израз за борбен извик на поетот против големата опасност од фашизмот. Песната “Глас од Македонија”, во тој однос, претставува своевидна величење на македонскиот народ и неговите вековни страдања и национални стремежи. Токму во миговите на поетска раскриленост и револуционерна развиореност во служба на македонското револуционерно ослободително дело, на втори септември 1941 година, во екот на полициската рација трагично ќе загине, оставајќи голема празнина кај Македонскиот народ.

Коле Неделковски загина како член на диверзантската група во Софија, која имаше задача од една страна да предизвика извесен неред среде побеснетите фашисти, а од друга да ги натера револуционерните сили да се дигнат на отворена борба против фашизмот. Таа задача Коле ја презеде со готовност и гордост. И во таа смисла даде сѐ од. На 2 септември  весниците објавија дека Коле загинал. При обидот на полицијата да го блокира квартот околу зградата во која живееше и да го уапси фрлил една пеколна машина против нив, а потоа се фрлил од прозорецот на својот стан. Не е исклучено да бил проследен од полицијата во обидот да ја изврши задачата над германската радиостаница, меѓу 4 и 5 часот, а постои веројатност полицијата случајно да го открила вршејќи претрес во блокираниот кварт. Меѓу другото, постојат индиции дека е извршено предавство од некој студент, кој живееше до неговата соба.

Коле Неделковски загина по јуначкиот пример на солунските атентатори. Не затоа што тој беше индивидуалист, туку затоа што нивното дело беше за него синоним на револуционерно јунаштво. Не зашто тој ги носеше нивните “гемиџиски” идеи, туку затоа што тој исто беше романтичар со бескрајна љубов кон својот народ и кон неговата борба за слобода и правда.

Приредил за објавување: Свето Тоевски 

Извори: „Македонска нација“, „Нова Македонија“

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Битка за статусот: Се крои извештајот кој треба да биде доставен до УНЕСКО

Се подготвува извештајот од страна на македонските власти а формиран е и кризен штаб кој работи на препораките и обврските за заштита на природните и културните вредности на охридскиот регион. Министерот за култура Љутков во февруари очекува позитивна оценка од Унеско, вели направено е доста но потребна е комуникација и со албанската страна.

(Видео): Филипче призна: СДСМ имаше разочарувања и турбуленции

Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, зборуваа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно, рече Филипче во воведното обраќање на партискиот Конгрес.

Колкави се паричните казни што ги носи „Безбеден град“?!

Со почетокот на примената на системот „Сејф сити“ од 1 февруари 2026 година, во Македонија стапува на сила нов, значително построг начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци. Наместо класични полициски контроли, казните ќе се изрекуваат автоматски, врз основа на видео и електронски докази собрани преку камерите и сензорите на системот „Безбеден град“.

(Фото): И во сабота на работа – скопскиот градоначалник се сретна со граѓаните, за што разговараа?!

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски уште еднаш ја потврди својата посветеност кон граѓаните, ставајќи ги нивните потреби и интереси на прво место. И во сабота, вратите на Град Скопје беа отворени за сите кои сакаа лично да ги споделат своите проблеми, идеи и предлози, во духот на отворена комуникација, достапност и одговорно локално раководење.

Зошто сопственикот на „Марковски компани“ Борче Марковски е пуштен од притвор?!

Во јануари годинава битолското Обвинителство поднесе обвинение против Борче Марковски и уште двајца вработени во фирмата, како и против петмина поранешни раководители во РЕК Битола, меѓу кои и поранешниот директор Пеце Матевски. Марковски беше во  притвор по апсењето на 9 октомври. Тој и уште седум лица се сомничат дека незаконски наплатиле над 1, 7 милиони евра од РЕК Битола, иако дел од договорените работи не биле извршени.

Врвни кардиоторакални експерти на меѓународен симпозиум во Клиника Жан Митрев – Европските клинички стандарди во пракса

Гости еминентни кардиохирурзи и кардиолози од реномирани институции како Медицинскиот универзитетски центар во Лајден и Амстердам, Универзитетот во Фрајбург во Германија,Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње“ од Белград, како и водечки меѓународни авторитети во областа на структурните срцеви интервенции и кардиохируршките иновации

To top