Македонија

Костовски обвинува обвинителка, гувернер и директор за ,,смртта” на Еуростандард банката

Дали Трифун тргнува на Зоран Заев

Претседателот на надзорниот одбор на згаснатата Еуростандард банка, Трифун Костовски кој ги одобрувал кредитите јавно обвинува три лица за пропаста на банката.

Во случајот со стечајот на Еуростандард банка, три личности што извршуваа или сè уште извршуваат високи и одговорни функции, според моето лично искуство и уверување, имале исклучително значајна улога за нејзината судбина Тоа се господата: Бежоска од Народната банка, поранешниот директор на Управата за финансиско разузнавање Трендафилов и обвинителката од ОЈО ГОКК Коларевиќ, пишува Костовски во колумна.

Тој екс гувернерката ја обвинува за одлуката за стечај и неодговорените прашања во врска со случајот.

,,Г-ѓа Бежоска ја донесе одлуката со која Еуростандард банка беше однесена во стечај. Мојот став е дека јавноста до денес нема добиено целосни, убедливи и проверливи одговори што би покажале дека стечајот бил единственото можно и оправдано решение. Останува клучното прашање, дали пред донесувањето на одлуката биле искористени и темелно разгледани сите инструменти што ѝ стоеле на располагање на Народната банка за стабилизирање и опстанок на банката? Верувам дека тие можности не биле соодветно искористени. Поради тоа, основано барам да се испита дали целта навистина била спасување на банката и заштита на финансискиот систем или, пак, нејзино дефинитивно затворање.

Кога една институција ќе одлучи да згасне една банка, таа не затвора само правно лице. Таа влијае врз судбината на штедачите, клиентите, вработените, акционерите и нивните семејства.Затоа, ваква судбоносна одлука не смее да остане зад затворени врати и општи образложенија. Таа мора да издржи независна стручна, правна и јавна проверка. Шест години по отворањето на стечајот, информациите за текот на постапката и за средствата собрани во стечајната маса, според моето разбирање, отвораат сериозно прашање дали стечајот навистина бил неопходен во моментот кога бил прогласен. Доколку од стечајната маса бидат обесштетени сите правни и физички лица, а тие се клиенти на банката, вклучително и Фондот за осигурување депозити, тогаш јавноста има право да праша, врз основа на кои процени е донесена одлуката и кој ќе понесе одговорност ако се утврди дека таа предизвикала непотребна и огромна штета?”, пишува Костовски кој прашува не е зошто системот ја штити институцијата, туку дали системот ја штити законитоста или ги штити оние што одлучувале во негово име?

Наводите за перење пари се меѓу неговите забелешки за екс директорот на Управата за финансиско разузнавање.

Тој според Костовски доставувал документи до институциите надлежни за гонење организиран криминал, со кои, според негово сознание, Еуростандард банка се поврзувала со сомневања за перење пари.

,,Господинот Трендафилов, кој ја извршуваше функцијата директор, учествувал во подготвувањето и доставувањето на тие документи. Но, според моето разбирање на конечниот обвинителен акт, обвинение за перење пари во банката нема.

Токму затоа се наметнуваат многу прашања. На кои конкретни факти и докази се засновале првичните сомневања? Кој ги проверил тие наводи? Какви последици предизвикале тие врз банката и врз луѓето поврзани со неа? И кој ќе одговара доколку се утврди дека сомневањата биле неосновани или несоодветно претставени?

Државата има право да се сомнева и да истражува, но нема право сомневањето да го претвори во пресуда пред фактите да бидат утврдени.

Во однос на образованието и биографијата на г. Трендафилов, во јавноста биле објавени информации што отвораат дополнителни прашања. Според објави во медиумот „Нетпрес“, на 29 октомври 2018 година до Министерството за внатрешни работи била поднесена претставка за проверка на веродостојноста на документите со кои се верифицирало неговото образование. Во истите медиумски објави се изнесуваат необични и меѓусебно тешко усогласливи податоци за две завршени средни училишта, три високообразовни институции и повеќе професионални ангажмани во периодот на неговото студирање. Овие информации ги пренесувам како јавно објавени наводи, а не како факти чија вистинитост лично сум ја утврдил. Токму затоа надлежните институции требало навремено да ги проверат и јавно да соопштат што утврдиле. Доколку документите се веродостојни, тоа требало јасно да се потврди. Доколку не се, требало да се постапи во согласност со законот.

Молкот не е одговор. Молкот само го продлабочува сомневањето дека за одредени луѓе важат поинакви правила. Јас не молчам!

Одговорноста не започнува со лицето што ја добило функцијата. Таа започнува со оние што го предложиле, го избрале и одлучиле да не го контролираат.

Мојот личен заклучок е дека коренот на проблемот е во системот, длабоко изложен на влијанието и контролата на партиите на власт”, вели Костовски за човекот кој беше избран од Зоран Заев.

Истрага долга пет и пол години е забелешката која Костовски ја упатива до обвинителството.

,,Обвинителката г-ѓа Коларевиќ ја водеше истрагата пет и пол години, по што постапката заврши со обвинителен акт и предлог за отворање судска постапка поради наводна моја несовесност. За време на толку долга истрага, обвинителството имало можност да го следи и текот на стечајната постапка, како и приливот на финансиски средства во стечајната маса. Затоа очекував да биде разгледано и основното прашање, дали резултатите од стечајната постапка ја потврдуваат или ја доведуваат во прашање почетната основа врз која бил изграден целиот случај?

Во истрагата, според моето разбирање на обвинителниот акт, не биле утврдени перење пари и организиран криминал во банката. Ако тоа е така, тогаш јавноста заслужува објаснување зошто предметот останал во надлежност на ОЈО ГОКК и врз кои конкретни факти се темели обвинението за моја несовесност.

Пет и пол години истрага не смеат да завршат само со обвинение. Тие мора да завршат со јасни, проверливи и логично поврзани докази.

Првично споменуваната загуба од 50 милиони евра подоцна беше сведена на 27 милиони евра. Толку голема разлика не е безначајна сметководствена корекција. Таа бара прецизно, стручно и јавно образложение, како е добиена првата сума, врз основа на кои податоци е намалена и дали во пресметките биле земени предвид наплатените, но и наплатливите побарувања на банката? Не тврдам дека само разликата меѓу овие две суми однапред го докажува конечниот исход. Но, тврдам дека таа создава сериозно и легитимно сомневање што мора да биде расчистено пред независен суд.

Г-ѓо Коларевиќ, при мојот втор исказ Ви беа доставени информации за кои сметам дека, по службена должност, требаше да бидат темелно проверени. Дали беа проверени? Ако беа, што беше утврдено? Ако не беа, зошто не беа? За мене останува впечатокот дека Народната банка во оваа постапка била третирана како институција чии одлуки не смеат суштински да се преиспитуваат. Но, во правна држава не смее да постои недопирлива институција.

Колку е поголема моќта на една институција, толку поголема мора да биде нејзината одговорност.

Затоа прашувам, кому му служи обвинителството, дали на вистината и на граѓаните или на заштитата на одредени поединци и институционални одлуки?

Системот не смее да се истражува самиот себе и однапред да се прогласува за невин”, вели Костовски.

Сите тројца кои ги споменува Костовски во јавноста важат за блиски на Заев кој во свое време на власт ги поставил на функциите.

Најнови вести од: Македонија

To top