Македонија

Македонската армија слави 34-ти роденден

Со учество во меѓународни мисии, поддршка на цивилните институции, исполнување на НАТО-целите за способности и континуирана модернизација, таа останува посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и нејзините граѓани.

Армијата денеска одбележува 34 години од своето формирање, период во кој прерасна во модерна, современа и целосно интероперабилна сила, интегрирана во евроатлантскиот безбедносен систем.

Како членка на НАТО, Армијата преку учеството во меѓународни мисии, интензивната модернизација и усогласувањето со НАТО-стандардите ја потврдува својата улога како доверлив сојузник и значаен фактор за регионалната безбедност. Нејзината основна задача останува заштитата на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и граѓаните.

Од Армијата оценуваат дека изминатата година донела значајни резултати во развојот на нејзините способности и исполнувањето на највисоките национални и НАТО-стандарди. Во фокусот биле најдинамичниот досега циклус на опремување и трансформација, како и континуираната поддршка на цивилните институции при кризни состојби и природни непогоди.

Во текот на 2026 година, Армијата демонстрираше висока оперативна подготвеност, интероперабилност и способност за брзо реагирање.

Особено значаен успех беше оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“, каде што беше оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“. Овој резултат претставува важен професионален исчекор и потврда дека македонските вооружени сили ги исполнуваат строгите НАТО-стандарди.

Според началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ или „Mission Capable“ е огромен успех не само на Лесната пешадиска баталјонска група и Армијата, туку и за целата држава воопшто.

„Тоа е резултат на јасна стратегиска насока, напорна работа, систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација на Армијата, како и на синергијата на Армијата, Министерството за одбрана и останати државни институции јасно насочена кон исполнување на стратешки дефинираните цели. Со оваа оценка, ние низ исклучително ригорозен процес, како држава докажавме дека македонската Армија со исклучителна посветеност гледа кон исполнување на високите стандарди на НАТО, односно дека Армијата е високо обучена и опремена и е рамо до рамо со сојузничките сили“,  нагласи Лафчиски за МИА.

Од Армијата посочуваат дека безбедносното опкружување се менува со забрзано темпо, поради што континуирано се прават анализи и проценки на потребните капацитети за навремено и ефикасно справување со новите закани. Во изминатиот период е направена проценка на способностите што треба дополнително да се развиваат, меѓу кои и капацитетите за заштита од беспилотни летала. За нивно унапредување се формирани посебни работни групи кои ги утврдуваат приоритетите и насоките за понатамошен развој.

Посебно внимание се посветува и на сајбер-безбедноста, која претставува еден од клучните домени на современите конфликти. Министерството за одбрана и Армијата работат на развој на интегриран систем за сајбер-одбрана, насочен кон заштита на комуникациските и информатичките системи. Во рамките на овие активности е формиран и Сајбер оперативен центар, во кој функционира Воен тим за одговор на сајбер-инциденти.

Отпорноста на мрежите и системите се зајакнува преку развој на технички и оперативни капацитети, обука на специјализиран кадар, јасно дефинирани процедури и надлежности, како и преку размена на информации и искуства со НАТО-сојузниците и националните институции. Целта е комуникациско-информатичките системи на Армијата да бидат функционални и заштитени не само во мир, туку и во услови на криза или вооружен конфликт.

На 34-годишнината од формирањето, Армијата продолжува да ја зацврстува својата позиција како модерна и целосно интероперабилна сила во рамките на евроатлантскиот безбедносен систем. Со учество во меѓународни мисии, поддршка на цивилните институции, исполнување на НАТО-целите за способности и континуирана модернизација, таа останува посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и нејзините граѓани.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Нула денари од Буџетот за прославата за независноста, за разлика од 8,2 милиони евра „во воздух“ кај Груби и Бајрами, велат од Владата

На Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани.

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

Најнови вести

To top