Македонија

Претседателката јадеше војничко гравче со армиски припадници на 1 Јануари

Врховната командантка ручала заедно со војниците во армиската менза во Велешката касарна

Претседателката Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата на Македонија

Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.

Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.

Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.

„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници“, порача претседателката.

Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.

Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.

Во текот на посетата претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.

Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски побара од Бугарија, како НАТО-партнер, да ѝ го испорача осудениот Михаилов, баран со потерница, кој се појавува на протести во Софија!

„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството.“ – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со Симеон Михаилов. Михаилов е осуден на 12 години затвор во Македонија, но избега пред да ја отслужи казната. Тој сега се појавува на бугарски телевизии и на протести во Софија, од каде што ја брани неговата ќерка Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со еден загинат.

Мицкоски: Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите на граѓаните, затоа ја добивме довербата од нив!

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање денеска при претставување на „Градскиот воз“ истакна дека и покрај сите предизвици во Европа како наш најголем трговски партнер, сепак трендот на раст на бруто-домашниот производ се очекува да продолжи и оваа година и  да изнесува некаде меѓу 3,5 и 4% проценти.

„Н.М.“: Македонија има причина да биде во Европа, со свој идентитет и јасно дефинирани македонски интереси, но не безусловно!

Исландскиот референдум не треба да биде лекција против Европската Унија, туку лекција за самодоверба во преговорите. Исланѓаните не рекоа: „ЕУ не ни треба“. Тие рекоа: „Ние ќе одлучиме кога, како и под кои услови ќе разговараме за нашата иднина“. Тоа е демократска зрелост. И токму таква зрелост ѝ треба на Македонија. Не да му каже „не“ на Брисел. Но ниту автоматски да кажува „да“ на секое барање. Туку да научи да кажува: „Ова е нашиот интерес. Ова можеме да го прифатиме. За ова можеме да преговараме. А ова не можеме да го прифатиме“. И тоа да го каже аргументирано, мирно и европски. Ова се нагласува во анализата со наслов „Македонија има причина да биде во Европа, но како своја и со својот изворен идентитет и карактер“, која е објавенма денес „Нова Македонија“.

To top