
Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, без подобрување на состојбата, покажува извештајот изготвен од Државниот завод за Ревизија.
Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети, се вели во ревизијата на успешност на тема „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) со посебен осврт на преземените мерки и активности од надлежните институции за обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство.
Како што соопштија денеска од ДЗР, врз основа на добиените податоци и извршените анализи, со ревизијата стекнато било разумно уверување дека мерките и активностите не се доволно ефективни за превенција, поддршка, заштита и целосна реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
-Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени 52 активности. Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство – се вели во соопштението од ДЗР.
Ревизијата покажала дека програмата за реинтеграција на жртвите донесена од министерот за социјална политика, демографија и млади е општа, нема утврдено период за кој се однесува ниту има утврдени јасни цели со мерливи индикатори кои треба да се остварат, што создава ризик за евалуација на нејзината имплементација и постигнување резултати.
-Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција, со што се криминализира родово базираното и семејното насилство, се зголемија казните за сексуално насилство, се прошири дефиницијата за семејно насилство, а фемицидот се третира како квалификуван облик на убиство. Иако ова претставува значаен напредок, остануваат предизвици, како: недоволно вклучување на граѓанскиот сектор, недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што ја нарушува ефикасноста на заштитата и го намалува објективното гонење на сторителите поради влијанието и притисокот врз жртвите. Во Центрите за социјална работа не е направена планираната реорганизација поради отсуство на функционална анализа и стандардизирани процедури, а истите се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС линиите – велат од Државниот завод а ревизија.
Резултатите од ревизијата укажуваат и дека бројот и територијалната распределеност на засолништата и советувалиштата не одговара на стандардите утврдени со Конвенцијата, а дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар, состојба која не овозможува ефикасна заштита на жртвите.
-Имено, извршено е анализа на потребата од центри за жртви на родово базирано и семејно насилство (засолништа, советувалишта, кризни центри и СОС линии) според стандардите на Истанбулската конвенција, при што констатиравме дека: Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59%), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО. Територијалната распределба е нерамномерна. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот регион. Исто така, во Југоисточниот регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција – се потенцира во соопштението од Заводот.
Со цел утврдување на трендот на жртви на РБН и СН во периодот 2020-2023 година во државата, извршена била анализа на податоци од 30 Центри за социјални работи, кои покажуваат дека во периодот 2020–2023 година се евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините.
– Според податоците на МВР, во периодот 2018–2023 година се извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 61% се за телесна повреда, а 35% за загрозување на сигурноста. Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6.663 жртви, од кои 79% се жени. Во истиот период се евидентирани и 2.347 прекршоци, со речиси еднаков број на жени и мажи жртви. Податоците покажуваат континуиран и непроменет сооднос во кој мажите се доминантни извршители на насилство, а жените се значително почесто жртви, што упатува на недоволна ефективност на досегашните мерки за превенција и заштита. Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени; Бројот на мажи сторители на прекршочни дела е 3 до 6 пати повисок; Бројот на жени жртви на кривични дела е 4 пати повисок од бројот на жртви мажи; Кај прекршочните дела, соодносот жени-мажи жртви е речиси изедначен. И покрај спроведените активности, соодносот помеѓу сторители и жртви останува речиси непроменет, што укажува дека активностите за превенција и заштита не ја подобруваат реалната состојба – покажува ревизијата што ја спровел ДЗР.
Со Одлука на Владата, во 2021 година формирано е Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓу институционална соработка.
Државниот завод за Ревизија (ДЗР) утврдил дека тоа не ги врши во целост своите надлежности и отсуствува интегриран систем на евиденција на жртвите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци од страна на сите надлежни институции вклучени во процесот на превенција и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и други информации релевантни за следење на состојбата за насилство врз жените. Ова, според ДЗР, оневозможува ефикасно следење на состојбата и креирање на соодветни и навремени политики и мерки за заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
За надминување на утврдените состојби ДЗР дал препораки за преземања на активности од страна на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјални работи, како би се создале услови за подобрување на целокупната состојба поврзана со превенција и заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство.