Македонија

Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ од 3.10.1943 – еден од најважните документи во македонската национална и политичка историја

„Македонски народе! Македонци и Македонки! Браќа и сестри на нашата поробена, ама никога непокорена татковина! Нашата млада војска, под славното знаме на Крушовската република, победоносно чекори и смело гази на кај исполнуењето на својата голема идеја – ослободуењето на Македонија. “  – стои во Манифестот на АСНОМ на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, кој му е упатен на македонскиот народ на денешен ден, на 3 октомври 1943 од борбените позиции кај селото Црвена Вода на Караорман планина, во историската Дебрца. Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од 3 октомври 1943 година е првиот стратешки и програмски документ упатен директно до македонскиот народ во текот на Втората светска војна. По своето историско значење, тој се смета за рамноправен со Крушевскиот манифест од 1903 година, бидејќи ја постави цврстата платформа за идната македонска државност.

Манифестот е напишан со силен, борбен и емотивен тон, повикувајќи ги сите слоеви на општеството на обединување и масовно востание:  „Ве викаме вас, синови и ќерки на македонскиот народ да се сплотите во борбените редови на нашата Народно-ослободителна војска на Македонија… Одново воскрснуват славните денови на Крушевската република и Илинденското востание.“

Покрај другите, клучните цели на документот се: (1) Национално ослободување: Отворен повик за конечна пресметка со фашистичките окупатори (бугарскиот, германскиот и италијанскиот, (2) Право на самоопределување: Манифестот јасно ја дефинира визијата за создавање слободна македонска држава, која подоцна се официјализира на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, (3) Братство и единство: Во него посебно се повикуваат и останатите националности кои живеат во Македонија (Албанци, Турци, Власи) заеднички да се приклучат во борбата.

Тој Манифест по своето историско значење во низа елементи е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што може да се констира дека едно од извориштата на современата македонска држава е и во Дебрца, местото каде се испишани најсветлите страници од македонската историја. Манифестот бил потпишан од целокупното воено и политичко раководство на ГШ на НОВ и ПОМ, вклучувајќи ги: Михаило Апостолски (командант). Цветко Узуновски (политички комесар), Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифовски – Питу, Страхил Гигов, Венко Марковски, Петре Пирузе и останатите членови на штабот.

Во овој документ од неизмерно значење за македонската национална и политичка историја, исто така, покрај другото, се истакнува и следното:  „Големо-албанските фашисти и големо-албански хегемонистички елементи от цела Албанија, се збирајат по целата македонска територија под фчерашната италијанска окупација и со помоќ на германските окупатори от сите страни се обидујат да ја разбијат нашата Народно-ослободителна војска.  Ние требе бездруго да ги изпадиме големоболгарските окупатори от нашата татковина. Но ние ке направиме братство и единство со болгарскиот народ, кој веќе води решителна борба против големоболгарските фашисти и хегемонисти. Ние требе бездруго да ја изпадиме големоалбанската клика и да ја направиме неспособна да го поробуе македонскиот народ. Но ние ке направиме братство и единство со албанскиот народ, кој нема ништо општо со тија реакционерни, хегемонистички клики. “

„Фашиските империјлисти со големоболгарските, големосрпските и големогрчките хегемонисти ја раскинаа нашата татковина и ја превртеја во ситна пара за поткусуруење на своите империјалистички интереси. … Високо развевајте го славното знаме на Гоце и на Крушовската република и тргнете по патот на легендарните илинденски востаници за ослободуење на нашата мила татковина.“ – пишува во Манифестот.

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Повикот на Виктор Берар до Хелените од 1904 да ја согледаат големината на Македонската идеја, а тие сега „слават 114 години од ослободувањето на Костур“! (1)

Со активности на највисоко државно рамниште, но и со други настани во поширокиот костурски регион во Егејска Македонија, денес во Грција, од 8 до 28 ноември 2026 година се „прославува 114-тата годишнина од ослободувањето“ на инаку македонскиот град Костур. Во Првата Балканска војна грчката војска влегува во него на 11 ноември 1912 година без никакви борби со турската војска. Всушност, дали сега се „слави ослободувањето“ на Костур не од Турците, туку од Македонците така што се бришат секакви какви траги од постоењето македонско население, македонски јазик и идентитет, македонска свест?! Александар Грличков токму на денешен ден, на 14 ноември 1961 година во улога како претседател на Извршниот совет на НР Македонија остро ја нападнал Атина дека нејзина „крајна цел е да ја избрише македонската национална самосвест кај Македонците во Грција“. Додека Грците и Бугарите упорно повеќе од еден век го негираат идентитетот и јазикот на македонскиот народ, Виктор Берар како дел од француската интелектуална елита во своето време уште пред 122 години јасно и гласно ќе им укаже ним дека постои не само македонски народ, туку и Македонска идеја! „Грците упорно го негираат постоењето на Македонската идеја, но би било подобро да ја согледаат нејзината големина и нејзините изгледи за иднината! Грците и Бугарите ќе изгубат премногу со будењето на македонското чувство!“ – напишал Берар (10.8.1864-13.11.1931) во својата прочуена студија „За Македонија“ („Pro Macedonia“) од 1904 година.

Мицкоски: Од длабок минус дојдовме до точка нула – од сега очекувам само раст и поинтензивен развој

Она што ме охрабрува е прометот во индустријата што е над 5,5 отсто поголем во споредба со третиот квартал минатата година. Тоа значи дека расте прометот во индустријата и дома и на меѓународниот пазар

Франција подготвена да внесе повеќе сигурност во евроинтеграцијата на Македонија

Има Договор и тој треба да биде имплементиран, ама легитимно е јасно да биде кажано дека потоа нема да има нови дополнувања, други чекори по патот, освен оние од нормалниот процес на реформи

To top