Македонија

Мицкоски: „Безбеден град“ почнува од 1 февруари – Во рамки на редовни средби со лидери на партии ќе се сретнам и со Ахмети

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека вчера во Собранието се одржал состанок на ниво на координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во врска со законот за прекршоци и оти некои работи, кои биле нејасни за ДУИ, биле разјаснети поради што очекува тој да биде донесен на следната собраниска седница и „Безбеден град“ да почне непречено да се применува од 1 февруари. Мицкоски не прецизира кога би имал средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како што беше најавено по лидерската средба во средата, туку само изјави дека одржува средби со лидерите на повеќе политички партии и оти во тие рамки би се одржала и средбата со Ахмети.

– Тоа што беше договорено на лидерската средба, беше безусловно кажано дека ќе биде поддржано. Беше споменато дека постоеле некои амандмани за што потоа во разговор со министерот за внатрешни работи беше констатирано дека такви амандмани не постојат. Но, и покрај тоа, се договоривме во текот на вчерашниот ден практично, на ниво на координаторите на пратеничките групи, да има состанок и сите тие нејасни теми да бидат разјаснети. Таков состанок, колку што сум информиран, во текот на вчерашниот ден се одржа, а бидејќи министерот за внатрешни работи е отсутен од Македонија, тој беше вклучен преку телефонски повик, беа разјаснети сите нејасни работи и очекувам законот за прекршоци веќе на следната собраниската седница да помине – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на целосно реконструираната голема спортска сала во Кратово.

Премиерот потсети дека за да биде донесен овој закон, потребно е само двотретинско мнозинство, без потреба од Бадентер. Тој очекува „Безбеден град“ да почне да функционира од 1 февруари. – Јас во една пригода изјавив дека ако се спореди декември 2015 година со истиот месец 2024 година, на територијата на Скопје, ќе дојдеме до заклучок дека имаме нула жртви како резултат на сообраќајни несреќи во декември лани, а истиот месец во 2024 година имаме пет. Тоа значи нула и пет. Јас им благодарам на граѓаните кои го почитуваат овој проект и очекувам да бидат спасени многу човечки животи. Затоа не очекувам политичко калкуланство кога станува збор за човечкиот живот – рече Мицкоски.

Прашан дали покрај одржаната средба во Собранието на ниво на пратенички групи ќе има и тет-а-тет средба со Ахмети, Мицкоски не прецизира дали и кога ќе се случи такво нешто. – Јас во моето редовно политичко функционирање се среќавам со лидери на политички партии, така што во рамките на тие средби претпоставувам дека ќе се сретнам и со господинот Ахмети – рече Мицкоски истакнувајќи дека сè уште нема одреден датум за таква средба. 

Македонска информативна агенција – МИА

 

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Македонија да ѝ се приклучи на иницијативата „Три мориња“ заради геостратешкиот интерес

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња” на нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња”, што се одржа во Стопанската комора

Судење за „Пулс“: Инспекторка утврдила нова фирма, но не направила нова контрола поради „немање влијание врз животната средина“

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше инспекторка за животна средина во Општина Кочани, која истакна дека во 2022 година утврдила оти објектот работи под друго правно лице, но не извршила повторен надзор бидејќи сметала дека станува збор за субјекти што немаат влијание врз животната средина

Најнови вести

To top