Македонија

Мисијата на Бугаринот Петар Драганов за афирмација на Македонците и македонскиот јазик од пред еден и пол век

„Литературата на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт. Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски?“ – напишал уште пред еден и пол век во своите дела Бугаринот Петар Данилович Драганов, основоположникот на македонистиката во Русија, сомисленик и еден од учителите на Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Од 1885 до 1887 година во Солун ги проучувал дијалектите на учениците-Македонци од територијата на цела етничка Македонија, кои во тоа време се школувале во Солун.  Пред да дојде во Солун Драганов мислел дека Македонците се Бугари, затоа што така го учела бугарската пропаганда. Но, откако ги проучил македонските дијалекти, заклучил со аргументи дека Македонците не се ниту Бугари, ниту Срби, туку посебен и самостоен народ во Балканот. Денешната 169-годишнина од раѓањето на овој исклучително значаен бугарски и руски македонист е повод за потсетување на неговиот живот и научна дејност, која ги фрла во вода уште од пред еден и пол век сите денешни и тогашни бугарски негирања и фалсификати за непостоењето на македонскиот народ и јазик. Ова го објави весникот „Нова Македонија“ во своја статија со наслов „Бугарската пропаганда разбиена со научни аргументи за македонските дијалекти“.

Натаму весникот истакнува: Драганов е роден на денешен ден, на 13 февруари во 1857 година во семејство на бугарски колонисти во градот Комрат, тогаш во Руската империја, а денес во Молдавија. Бидејќи бил Бугарин по националност, бугарската црква (Егзархијата), го повикува Драганов да работи како професор во Солунската машка гимназија, заради ширење бугарска пропаганда меѓу учениците-Македонци, кои учеле во Солун. Неговата задача била да ја продолжи бугаризацијата на македонското население. Драганов работи во Солун од 1885 до 1887 година. Кога дошол во Солун бил приврзаник на бугарскиот став за Македонците, односно пораснал со лажната бугарска историја, со која бил школуван, дека Македонците се Бугари. Но, за време на предавањата Драганов почнал да го истражува македонскиот идентитет и барал од своите ученици – Македонци, да му носат и да му запишуваат песни, раскази, преданија од сите делови на етничка Македонија. Покрај тоа, и самиот собирал етнографски материјали од разни краишта на Македонија. Составил обемен зборник на фолклорни материјали, кој му овозможил да ги проучува, како што истакнал, „особеностите на македонските говори во споредба со бугарските говори“. 

После двегодишните обемни етнографски и лингвистички истражувања во Македонија, Драганов ќе изгради сопствен став за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците. Врз основа на обемниот изворен јазичен и етнографски материјал Драганов заклучува дека Македонија е посебна етнографска целина на Балканот и оти македонските говори (дијалекти) се дел од посебен македонски јазик, а Македонците се посебен балкански народ. Поради ваквите негови ставови, кои биле во директен судир со бугарската пропаганда, Бугарите веднаш го враќаат Драганов дома. Потоа преку бројни написи и предавања тој ќе ги постави темелите на македонистиката во Русија. Своите согледувања за етнојазичната посебност ги изнесува и во книгата со наслов „Македония и македонците. I: Македонски славянски сборник / Петър Драганов“, објавена во Санкт Петербург, во Русија, во 1894 година.

Одговорот од Драганов на „очајните свињари“ дека „не бугарофилствувал“ и оти го „продал бугарското дело“

Како доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век, Драганов им упатил жестока порака-одговор на сите, како што ги нарекол, „свињари“, кои жестоко го напаѓале. „Србите и особено Бугарите го презираат ова македонско наречје, а мене ме напаѓаат, затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и оти препорачувам некаква посебна македонска литература… Но, тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа ‘блгарски’, со глупавото и неумесно Ѫ)? Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партение Дебарски?“ – навел во своите записи Драганов.

Како одговор на нападите и дека го „продал бугарското дело“, Драганов возвратил дека „многу го сака македонското наречје“: „Некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку, или недоволно бугарофилствувам… некои дури и заклучија дека лошо се однесувам како Бугарин и оти сум го продал бугарското дело. Голем дел од тоа што веќе го имам отпечатено за македонското наречје… и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и литературен развој.“

Така Бугаринот Драганов ја запознал и ја засведочил во Европа и Балканот етнокултурната и јазичната посебност на македонскиот народ, Тој ја афирмирал неуморно таа македонска засебност посебно во рускиот печат, пишувајќи за македонскиот јазик, за народното творештво и за етнографијата. Историчарот Блаже Ристовски во своите истражувања нагласува: „Неговите статии предизвикаа вонредно внимание во науката и во политиката од втората половина на XIX век и го изнесоа македонскиот проблем на европско научно ниво.“ Според него, „Македонско-словенскиот зборник’ на Драганов е е прв (и единствен) труд, што го претставува македонското поетско народно творештво под македонското национално име и толкувано од македонско национално гледиште – сѐ до Рациновите ’Македонско-народноослободителни песни‘ од 1943 година“!

Петар Данилович Драганов починал на 7 февруари во 1928 година во Комрат. Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Манол Пандевски и други историчари, лингвисти и научници од различни профили со своите истражувања придонесоа да се сфати големината на неговата личност и значењето на неговото дело за нас, Македонците, за нашето минато, за нашата современост и нашата иднина. – се заклучува во статијата на „Нова Македонија“.

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Тачи: Албанските партии треба да се договорат за документ за целосна политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија!

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, меѓу другото, во емисијата „Дијалог“ на медиумската платформа на „Лајм“  зборуваше и за „потребата од постигнување договор меѓу албанските партии за одобрување на документот за целосна политичка и територијална автономија“.

Агатангел: ВМРО-ДПМНЕ ќе владее колку Тито, оваа Влада ја консолидира Македонија како држава и ги штити националните интереси!

Митрополитот Повардарски Агатангел изрази целосна поддршка за премиерот Христијан Мицкоски и актуелната Влада, оценувајќи дека државата е во сигурни раце, во интервју за телевизија „Алфа“, тој прогнозираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт онолку долго колку што владеел Јосип Броз Тито.

Наумовски: Победата на опозицискиот претседателски кандидат во Бугарија води до предвремени парламентарни избори

-Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер, рече Наумовски. По социјалните мрежи имаше една шега дека има низок одѕив на изборите во Бугарија затоа што сите бугарски возови заминале во Србија Ова во „Наткаст“ на „Курир“ го изјави Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Најнови вести

To top