Министерството за финансии изврши вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и на две од нив им изрече привремена забрана за издавање кредити во времетраење од 30 дена, како и глоба според законските прописи.
Надзорот беше спроведен во последните три месеци по пријави на граѓани, при што беа преземени соодветни мерки во согласност со законските одредби.
Контролата се врши според Законот за финансиските друштва и подзаконските акти, преку постојано следење и непосредни проверки.
Посебно внимание се посветува на претставките и информациите од граѓаните, кои претставуваат важен извор на сознанија за евентуални ризици и неправилности.
Секоја пријава се разгледува во рамките на надлежностите на Министерството, а според наводите се преземаат конкретни активности.
Министерството ги охрабрува граѓаните кои се чувствуваат оштетени или имаат сознанија за неправилности да поднесат пријава. Тие може да се достават преку архивата, по пошта на ул. „Даме Груев“ бр. 12 Скопје, или на е-адреса prijavafd@finance.gov.mk.
Од јули 2024 година досега се одземени четири дозволи за работа, привремено се затворени три друштва, изречени се глоби на 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари (околу 49.400 евра) и дадени се 58 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности.
Министерството најавува дека ќе продолжи со континуиран и засилен надзор, како и со преземање на мерки во рамките на своите надлежности, со цел поголема законитост, транспарентност и поефикасна заштита на граѓаните како корисници на финансиски услуги.