Германското сојузно обвинителство нареди апсење на тројца осомничени членови на десничарска екстремистичка група. Тројцата се на возраст од 14 до 15 години, а се товарат за членство во терористичка организација. Според обвинителите, групата планирала подметнување пожари и убиства.
Меѓу другото, групата планирала да подметне пожар во сместувалиште за бегалци во градот Винзен, во покраината Долна Саксонија. Нападот не бил изведен затоа што полицијата навреме интервенирала.
Од интернет-група до терористичка организација
Во групата членувале и уште тројца осомничени, на возраст од 15, 18 и 19 години. Тие се уапсени уште во октомври во северна Германија и се наоѓаат во истражен притвор. Досега истрагата против нив ја водеа покраинските обвинителства, а сега ја презема Сојузното обвинителство.
Според обвинителите, организацијата произлегла од интернет-групата „Терор 18“, која многу брзо се радикализирала.
„Членовите на оваа групација ги обединува длабоко отфрлање на политичкиот и демократскиот поредок во Сојузна Република Германија“, се наведува во соопштението на Сојузното обвинителство.
Под името „Терор 18“ групата сакала да извршува особено тешки кривични дела. Обвинителите наведуваат подметнување пожари, насилни акции, па дури и целни убиства на странци и политички противници.
Претреси во пет покраини
Апсењата се извршени денеска, 25 ноември, во округот Телтов-Флеминг во Бранденбург, во округот Хелмштет во Долна Саксонија и во градот Ицехое во Шлезвиг-Холштајн. Истовремено беа извршени претреси во Баварија, Мекленбург-Предна Померанија, Саксонија, Бранденбург и Долна Саксонија. Во акцијата учествуваа околу 70 службеници на Сојузната криминалистичка служба и на полицијата од засегнатите покраини.
Претресите опфатија и уште четворица осомничени на возраст од 14 до 16 години, кои се бранат од слобода. Дел од нив се товарат за поддршка на терористичка организација, а дел за непријавување на планирани кривични дела.
Двајца од уапсените денеска треба да бидат изведени пред истражен судија во Сојузниот суд на правдата во Карлсруе, кој ќе одлучи дали ќе им определи истражен притвор. Третиот осомничен ќе биде изведен пред Основниот суд во Хелмштет.
Обвинителството оценува дека тројцата уапсени биле доволно зрели за да ја сфатат противправноста на своите постапки. Тоа е предуслов за нивна кривична одговорност. Постапките против малолетни сторители во Германија се водат според Законот за малолетнички судови.
Предупредувања за радикализацијата на младите
Случајот потсетува на десничарската екстремистичка група „Последен одбранбен бран“, која беше разбиена минатата година. Дел од нејзините членови веќе се осудени во првостепена постапка. Тогаш јавноста особено ја вознемири многу младата возраст на некои од осомничените.
Оттогаш во Германија се води дебата за сè поголемата радикализација на младите, која дополнително ја поттикнуваат социјалните мрежи. Германските служби за заштита на уставниот поредок предупредуваат на сојузи меѓу неонацисти и млади подготвени на насилство.