Премиерот Христијан Мицкоски од Самитот на Берлинскиот процес во Свети Стефан, Црна Гора, порача дека очекува во скоро време да биде валоризиран напредокот што земјата го постигнала во Реформската агенда и конечно да се отвори патот за преговори со Европската Унија.
– Факт е дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агенда, дека буквално се што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме – рече Мицкоски во изјава за Националниот сервис.
Премиерот изрази очекување дека сè што е постигнато ќе биде наскоро валоризирано и дека ќе се даде шанса земјата да го започне процесот на преговори.
– Исто така истакнав дека постепеното или градуалното интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија – подвлече Мицкоски.
Претходно, Мицкоски учествуваше на работниот ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот на својот Фејсбук профил.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот, каде што се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија. Тој претходно изјави дека очекува силни пораки и конкретни резултати.
На настанот учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја потврди поддршката за членство на земјите од Западен Балкан во Унијата, но порача дека владите мора да покажат политичка волја и да ги спроведат потребните реформи. Мерц се заложи за побрзо приближување на регионот и најави лична поддршка, истовремено барајќи засилување на реформските напори.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, со цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.