Мицкоски рече дека на вчерашната средба со студентските претставници, на која присуствувале и министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници, отворено се разговарало за проблемите со кои се соочуваат студентите, условите во студентските домови и можностите за подобрување на стандардот.
Тој посочи дека биле разгледани буџетските издвојувања за студентски стандард во 2026 година во споредба со 2022 година, при што, според неговата оценка, средствата се двојно зголемени.
Говорејќи за субвенционираниот студентски оброк, Мицкоски рече дека Владата предложила нов модел со кој средствата би се зголемиле од сегашните околу 3.500 на 4.500 денари месечно, а студентите би можеле да ги користат преку посебна услуга во апликацијата М-услуги.
Според предлогот, во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори кај кои студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци, како вода, јогурт и кисело млеко.
-Ајде вака да направиме, ние на оваа апликација М-услуги да додадеме М-студентски оброк во кој што вашите три и пол илјади денари сега што ги добивате месечно ќе вредат 4.500 денари – рече Мицкоски.
Тој објасни дека со системот би се овозможило средствата да се користат за нивната намена, односно за студентски оброк, а не за други производи. За таа цел, како што рече, би се користела и вештачка интелигенција вградена во апликацијата. Дополнително, Владата би преговарала со трговците за студентите да добиваат попусти при купувањето храна, дури и откако ќе ја потрошат месечната субвенција.
-Имаме чувство, но и делумни информации дека голем дел од корисниците на студентскиот оброк средствата кои што ги добиваат на дебитните картички не ги користат токму за студентски оброк, туку ги користат за нешто друго, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со таа апликација би обезбедиле список на ресторани, маркети, млечни ресторани каде што ќе може да купуваат храна, пијалаци, но не и алкохол, цигари, притоа тој попуст којшто ќе им го обезбедат да важи и по искористување на средствата за студентскиот оброк.
-Откако вие ќе го потрошите тој студентски оброк повторно да ви важи до крајот на месецот. Еве ако некој ресторан обезбеди 20, 25 проценти попуст, вие сте го искористиле вашиот студентски оброк до 15-ти во месецот, но на 20-ти со вашите колеги седнувате повторно на појадок, вие ќе го платите, но наместо 100 денари ќе добиете попуст од 25 проценти, ќе го платите 75 денари – појасни премиерот.
Мицкоски нагласи дека предлогот им бил презентиран на студентските претставници како можност за разгледување, без да се бара веднаш да донесат одлука. Тие, додаде тој, треба да разговараат со своите колеги и да се изјаснат за предложениот модел.
Нагласи и дека за реализацијата ќе биде потребна соодветна процедура, вклучително и подготовка на софтверско решение и спроведување тендер.
Во однос на инфраструктурата, премиерот ја посочи изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“, каде што, како што рече, моментно престојуваат околу 1.150 студенти.
Мицкоски најави дека до крајот на годината треба да биде пуштен во употреба и реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“, а потсети и дека е изгласан закон со кој е започната реконструкција на осум ученички и студентски домови во земјава.
Премиерот оцени дека студентскиот стандард сè уште не е на нивото на условите што ги имаат студентите во некои европски земји, но оти разликата се намалува.
-Дали е најдобро? Не е најдобро. Дали можеби нивните колеги во Германија имаат подобри услови? Најверојатно да, но дали таа разлика е намалена? Исто така ќе кажам да. Тоа е суштината. Дали тешко се живее? Тешко се живее. Дали е тежок студентскиот живот? Да тежок е. Но дали е подобар од пред три, четири, пет години? Подобар е. Тоа е суштината на секоја влада. И дали сè уште студентите во Германија ќе добиваат подобри услови ќе имаат подобри? Најверојатно да. Но дали таа разлика е намалена. Тоа е суштината – рече Мицкоски.
Тој истакна дека подобрувањето на условите за студентите треба да биде проследено и со унапредување на квалитетот на високото образование. Во тој контекст, се осврна на позицијата на најстариот македонски универзитет на Шангајската листа, оценувајќи дека пред две децении бил подобро рангиран отколку денес.
Мицкоски повика на заеднички ангажман за подобрување на позицијата на универзитетите, нагласувајќи дека тоа би придонело за поголемо знаење кај студентите и подобар имиџ на државата.