– Можев да го видам оној настан што вчера го организираше СДСМ во рамките на македонското Собрание и да ја слушнам таа изјава од претседателот на СДСМ Венко Филипче. Јас само ќе потсетам, мислам дека на овој билборд овдека стоеше 2018 година кога го менува името на насилен пат стоеше дека ќе имаме подобро образование или здравство. Мислам дека токму на овој билборд овде беше. Донесоа ли кога го сменија името бесплатно здравство, донесоа ли поквалитетно образование, подобра економија, повисоки пензии, повисоки стипендии, донесоа ли? Не, само неколкумина од голтари станаа милионери. Ете тие исти голтари кои што станаа милионери, денеска без ни малку срам излегуваат пред македонските граѓани и им велат уште еднаш ќе ве клекнеме на колена, ако ни дадете можност, уште еднаш ќе играме на вашето достоинство. Уште еднаш ќе чепкаме по вашата душа, ама ние уште некој милион ќе заработиме со тоа што бел лист хартија ако ни стават на маса ќе го потпишеме, вели Мицкоски во одговор на новинарско прашање при увидот во изградбата на Универзалната сала во Скопје.
Тој вели дека тврдењата на опозицијата дека владата не работи во интерес на граѓаните се неточни. – Фактичките резултати се следни. Денеска имаме пензионери кои што како никогаш досега добија линеарно зголемување на пензијата. Денеска имаме млади кои што во рака имаат електронски уред од кој што 250 евра како никогаш досега субвенционираше Владата, се реконструираат студентските домови кои што тие ги оставија полни со шут и со градежен материјал не чепнати седум години. Еден од нив очекувам оваа година да биде пуштен во функција со зголемени средства за топол оброк, со зголемени стипендии, рече премиерот.
Тој вели дека опозицијата не може да зборува ниту за правата на земјоделците, затоа што кога била на власт ништо не направила за нив. -Тие најдоа да зборуваат за земјоделците? Па за 30 проценти имаат повисок род сега затоа што ако ништо друго, оваа Влада обезбедува редовно снабдување со вода, тоа што тие не беа способни да го направат, а да не зборувам за платите кои што ги оставија неисплатени во Национални шуми и во АД Водостопанство на Македонија, потенцира Мицкоски.
Додаде дека немаат право да зборуваат нити за вработените во образованието и здравството, кога, како што рече, е позната „здравствената стабри политика“ на Венко Филипче и Зоран Заев, кога компании лиценцирани за трговија со овошје од Јужна Америка требало да набават вакцини во екот на корона кризата по три пати повисоки цени од најскапите кои што во тоа време можеле да се најдат на пазарот. -Ете таа политика е поразена и на следните избори ќе биде декласирана и веќе ќе немаат можност овие политичари да прават зулум на македонската политичка сцена, а политиката ќе ја водат одговорни луѓе, луѓе патриоти кои што си ја сакаат сопствената држава и сопствениот народ, рече Мицкоски како одговор на тврдењата на опозцијата дека мора да има уставни измени веднаш за доброто на граѓаните, истакна македонскиот премиер.