Македонија

Младите умни ученици покажуваат дека во науката и Давид може да го победи Голијат (ГАЛЕРИЈА)

Претседателката Сиљановска-Давкова и министерката Весна аневска изразија желба догодина повторно да се сретнат со уште поголем број ученици, добитници на признанија за постигнатите успеси во натпреварите ширум светот

Вчера, во пресрет на денешниот Ден на македонската независност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска  се сретна со талентираните ученици од основните и средните училишта кои во изминатата учебна година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари, а дел од нив се закитија со медали, високи награди и признанија.

Ученици од Сојузот на математичарите на Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Македонското географско друштво, Здружението на информатичарите на Македонија, Друштвото на физичари на Македонија, Македонското биолошко друштво, Филозофско друштво на Македонија, Здружение на средни училишта ТЕРА ФИТОН АНИМАЛ – Свети Николе, Здружение на музичко-балетски педагози, Здружение на наставници по германски јазик и ученици кои индивидуално учествувале на меѓународни натпревари, во друштво на своите ментори, ја исполнија салата Мозаик со младешка енергија, ум и знаење.

Опколена со десетици ученици, претседателката искажа задоволство од нивното присуство и гордост што земјава има компетитивни умни млади во толкав број и со толку златни, сребрени и бронзени медали во математика, физика, хемија, информатика… Говорејќи за новите технологии и за вештачката интелигенција, таа укажа и на опасностите, покрај предностите, како и на важноста на емоционалната интелигенција на човекот.

За неа, нема подобар ден за оддавање признание и изразување благодарност за нивните успешни натпревари, како сигурен доказ дека во науката, образованието и културата Давид може да го победи Голијат! Им посака уште многу награди, но и водечки позиции во земјава еден ден, како предуслов за општествен прогрес.

Поздравувајќи го успехот на учениците, министерката за образование и наука, Весна Јаневска истакна дека секој има право на образование, но дека таа и владата ќе продолжат да ги поддржуваат најдобрите ученици и студенти, ослободувајќи ги од грижите врзани за патот и сместувањето и овозможувајќи им да се посветат на натпреварите, наместо да се оптеретуваат со финансиски проблеми.

Таа ги повика учениците да не ја забораваат татковината, чија иднина зависи од нив.

Претседателката Сиљановска-Давкова и министерката Јаневска изразија желба догодина повторно да се сретнат со уште поголем број ученици, добитници на признанија за постигнатите успеси во натпреварите ширум светот!

 

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Битола во силен развоен циклус – инвестиции, инфраструктура и проекти што го менуваат градот, рече Коњановски

Проект поддржан од Владата во вредност од над 40 милиони денари, со што ќе добиеме прекрасна спортска сала над 1000 метри квадратни за да можат нашите боксери кои нижат успеси да добијат адекватни услови за спортување. А тука создаваме можност и за тие кои се занимаваат со авантуристички спортови, рече Коњановски.

To top