Македонија

Муцунски за „Политико“: Нема уставни измени без цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното вакво барање

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за влијателниот политички магазин Politico. Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската […]

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за влијателниот политички магазин Politico.

Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, рече Муцунски.

Тој нагласи дека Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството. „Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, додаде министерот.

Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан. „Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, изјави Муцунски.

Тој потсети дека Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.

Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно. „Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но,  Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион.“

Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски зборуваше и за поддршката што Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.

Најнови вести од: Македонија

Илија Андовски привремен администратор на „Алта банка“ АД Битола

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација.

Средба на Сиљановска-Давкова со Копман од ЕК: Потребно е забрзување на евроинтеграцијата во услови на блокади

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на работната посета на Брисел денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.

Мицкоски – Вуст: Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ќе ја продлабочуваат економската соработка, можности за нови инвестиции

Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и унапредување на партнерството меѓу Македонија и германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија биле во средиштето на вниманието на работната средба на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на оваа германска покраина Хендрик Вуст.

(Фото): Турција ги претстави вратените 100 бесценети културни артефакти од САД

Враќањето на овие артефакти отвора нови можности за научни истражувања. Археолошките ископувања во Бубон, обновени во 2023 година, продолжуваат под координација на Археолошкиот музеј во Бурдур, со учество на турски археолози.

To top