Свет

Длабоки поделби во ЕУ: Седум земји го стопираа планот за буџетот од 2028 до 2034 година

Вонредниот самит заврши без договор по острите расправи за трошењето, додека Брисел се подготвува за клучни избори во најголемите земји членки.

Европската Унија се соочува со длабоки поделби во обидот да постигне договор за долгорочниот буџет за периодот од 2028 до 2034 година, како и за натамошното финансирање на Украина, пред почетокот на големиот изборен бран што следната година ќе ги зафати клучните земји членки.

Вонредниот самит во Брисел, кој требаше да го подготви теренот за усвојување на буџетот вреден речиси 200 милијарди евра, започна во четвртокот, но заврши ноќеска по полноќ без никаков договор, иако беше предвидено да трае два дена. Како што пренесува „Политико“, преговорите пропаднале по побуната на седум земји членки – Данска, Германија, Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Белгија – кои остро се спротивставиле на пристапот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Овие држави се залагаат за помал европски буџет и за ограничување на заедничкото трошење, а според дипломатски извори, нивните лидери биле видно бесни за време на разговорите.

Иако новиот повеќегодишен буџет треба да стапи на сила дури во 2028 година, Франција и Германија инсистираат договорот да биде постигнат до крајот на оваа година. Причината за ваквото брзање, според „Ројтерс“, е фактот што во 2027 година ќе се одржат избори во Франција, Италија, Полска, Грција, Естонија, Финска и Словачка, што може сериозно да ги искомплицира преговорите за фондовите од кои зависат сите клучни политики на Унијата.

Особена загриженост во Брисел предизвикува можноста француската крајно десничарска политичарка Марин Ле Пен, која води на анкетите, да победи на претседателските избори во Франција во април и мај следната година. Таа веќе најави дека ќе ја прекине финансиската помош за Украина и ќе го намали францускиот придонес во буџетот на ЕУ за 11 милијарди евра, а бара и референдум за да се утврди дали националното законодавство има предност пред европското.

За итноста на ситуацијата отворено предупреди и актуелниот француски претседател Емануел Макрон.

„По 31 декември, повеќе нема да бидам во политичка или демократска позиција повторно да ја отворам дебатата за буџетот и да ја доведам докрај, бидејќи ќе влеземе во период што ќе биде премногу блиску до претседателските избори во Франција“, изјави Макрон.

И германскиот канцелар Фридрих Мерц го посочи крајот на 2026 година како краен рок за постигнување согласност. Според анализата на британски „Гардијан“, ЕУ во 2027 година влегува во изборен „суперциклус“ со гласања во четири од петте најголеми земји членки (Франција, Шпанија, Полска и Италија). Очекуваниот подем на националистичките и евроскептичните партии, кои бараат поголем суверенитет за националните држави, би можел да ја промени рамнотежата на моќ, да го парализира одлучувањето во Брисел и директно да ја загрози поддршката за Украина. За разлика од помалите земји членки, евентуалната промена на курсот во Франција би имала далеку поголема политичка и економска тежина.

Првиот политички тест следи веќе в недела на изборите во Шпанија, каде што актуелната социјалистичка коалиција на премиерот Педро Санчес се соочува со силен притисок од десничарската Народна партија и партијата Вокс.

Бидејќи за усвојување на повеќегодишниот буџет на ЕУ е потребна едногласна согласност од сите 27 земји членки, очекувањата за продолжението на самитот, закажано за 17 декември, се мошне претпазливи.
Дека преговорите ќе бидат исцрпувачки, потврдува и информацијата оти неколку национални делегации веќе резервирале дополнителни ноќевања во хотелите во Брисел, очекувајќи средбата да трае значително подолго од планираните два дена.

Најнови вести од: Свет

Порака до 100.000 британски ветерани:  „Подгответе се за војна“

Министерот за одбрана, Вес Стритинг, претходно предупреди дека Британија мора да биде подготвена за војна во рок од илјада дена и дека, заедно со своите партнери, мора „да биде подготвена да се бори и да победи“

Најнови вести

To top