Нашиот став е дека има фундаментална разлика за тоа што кажува официјална Софија и тоа што го гледаме од правна гледна точка како преземени обврски од претходната Влада и сето тоа не става нас во ситуација како Влада дека нема предвидливост на процесот, рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање на денешната панел-дискусија за извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.
Тој рече дека затоа кажуваат дека процесот треба да се постави на предвидлив пат, односно да знаат што е целосното очекување од другата страна, а при тоа да бидат максимално транспарентни.
-Не се само уставните измени, има и акциски план за малцинство, има одредени патокази, има повеќе елементи кои се дел од оваа политичка аритметика за да се најде соодветно решение. Исто така ние како Влада сме поставиле наши позиции за сите овие прашања, кажа Муцунски.
Според него, за да се најде решение мора да има дијалог и дека никогаш не застапувале став дека има магични решенија или решенија преку ноќ.
-Сме кажале дека ќе бидеме максимално посветени на реформите за европските процеси и нема да бидеме лицемерни. Нема да зборуваме за европеизација, а паралелно да се носат измени на Кривичниот Законик како во 2023. Тој ќе биде усогласен во целосна координација со Европската унија и за тоа ќе бараме поширок општествен консензус. Нашата работа во делот на европските интеграции ја работиме, но мора да бидеме свесни многу работи со засилено темпо да ги работиме, порача шефот на македонската дипломатија.