Македонија

Муцунски: Задача ни е Македонија сама да си ја пишува приказната, да не чека другите да ја дефинираат! – ЕУ ни е средишна оска на надворешната политика!

– Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена – истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски пред пратениците Комисијата за надворешна политика во Собранието на Републик Македонија.

Министерот посочи дека владите и партиските состави се менуваат, но дека државата, граѓаните и националниот интерес останува и затоа надворешната политика мора да биде простор на национално единство, а не арена за партиски поени. – Повикувам на одговорна дебата и на критика кога е потребна. Но повикувам и на консензус кога се брани државата. Нашата задача е Македонија да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја. Земја што не чека другите да ја дефинираат – туку самата ја пишува својата приказна. Земја што ги штити своите граѓани, ги почитува своите обврски и знае да ги брани своите интереси – рече Муцунски.

Министерот потенцира дека европската интеграција останува централната оска на нашата надворешна политика, но дека нашиот пристап е јасен: Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку дека таа мора да биде процес што носи конкретни придобивки за граѓаните – уште денес. – Во изминатиот период водевме интензивен политички дијалог со институциите на ЕУ и со земјите членки. Со јасна цел – да ја објасниме нашата позиција, да ја афирмираме реформската агенда и да побараме фер, предвидлив и меритократски пристап кон нашето пристапување. Нашата порака е принципиелна: сакаме да напредуваме врз основа на резултати, а не врз основа на политички условувања, кои се менуваат од година на година. Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда – рече Муцунски.

Паралелно, како што рече, продолживме со 100 % усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. – И не случајно – надворешната политика останува една од највисоко оценетите области во извештаите на Европската комисија. Тоа е признание за нашата геополитичка јасност и за нашата способност да бидеме кредибилен европски партнер – рече министерот за надворешни работи.

Истовремено, посочи тој, склучивме два значајни договори за стратегиско партнерство со Велика Британија, договор за стратегиска  соработка со Унгарија, а набргу се очекува склучување ваков договор и со Хрватска. Во однос на договорот со Хрватска, најави дека набргу ќе патува во Загреб на разговори за договорот со нив, како и дека се очекува премиерот на оваа земја да дојде во посета на нашата земја и да биде потпишан овој стратешки договор. Во однос на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, рече дека средбите со американската администрација, вклучително и со државниот секретар Марко Рубио, ја потврдија заемната определба за реактивирање и продлабочување на стратешкиот дијалог.

– Одржувањето на неговата втора сесија на 7 април 2026 во Вашингтон беше значаен политички момент. Станавме прва европска држава, која реализира ваков дијалог во рамките на мандатот на актуелната администрација. Но уште поважно – отворивме конкретни можности: во енергетиката, инвестициите, дигиталната инфраструктура, кибербезбедноста и трговијата – рече Муцунски. Иницијативите за американски течен природен гас, разговорите за критични минерали, соработката во кибербезбедноста, процесите за Global Entry и Visa Waiver – сето ова, нагласи тој, покажува јасна насока дека нашето партнерство со САД не е само политичко, туку тоа е безбедносно, економско и граѓанско партнерство.

Зборувајќи за регионалната соработка, Муцунски рече дека нашите односи со соседите ги градиме врз три принципи: дијалог, почитување и конкретни проекти, дека не бегаме од отворените прашања, но одбиваме да бидеме заробеници на реторика што не носи ништо за граѓаните. – Со Грција бележиме позитивна динамика во економијата, енергетиката и инфраструктурата. Гасната интерконекција, Коридорот 10, нафтоводот Солун – Скопје, граничниот премин Маркова Нога – тоа се проекти што создаваат реални придобивки за реални луѓе – рече тој.

Со Бугарија, рече Муцунски, односите се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен – и принципиелен. – Подготвени сме за дијалог во добра верба. Но, исто така должни сме да кажеме јасно: европскиот процес мора да се темели на критериуми, а не на билатерализација. Коридорот 8 и железничкото поврзување се проекти од стратешко значење – не само за нас и за Бугарија туку за целиот регион, за НАТО и за Европа – рече министерот за надворешни работи.








Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top