За случајот е закажана седница на Дисциплинската комисија, која треба да утврди како настанала повредата и дали постои индивидуална одговорност. .Повредата била констатирана на 16 ноември, по што веднаш бил повикан детски хирург.
„Во врска со случајот во кој дошло до повреда на дел од прст на новороденче, информираме дека на 16 ноември, веднаш по констатирањето на повредата, бил повикан детски хирург, по чија индикација новороденчето било префрлено на Клиниката за детска хирургија за понатамошно медицинско згрижување“, соопштија од ГАК
Од Клиниката најавуваат и дисциплинска постапка за утврдување на сите околности. „За случајот е закажана седница на Дисциплинската комисија, со цел целосно и објективно утврдување на фактичката состојба, околностите под кои настанала повредата и утврдување на индивидуална одговорност“, наведуваат од ГАК.
Од таму истакнуваат дека нема да има толеранција доколку се утврдат пропусти во постапувањето со новороденчето.
„Нагласуваме дека ваквите настани се третираат со најголема сериозност. Нема да има толеранција за можни утврдени пропусти во постапувањето. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи“, соопштија од Клиниката.
Од Клиниката нагласуваат дека безбедноста на пациентите, особено на новороденчињата, е нивен врвен приоритет и најавуваат отвореност во постапувањето согласно со утврдените процедури.