Македонија

Народниот херој Цветан Димов усмртен од бугарскиот фашистички окупатор со фрлање од прозорец по ѕверски измачувања на денешен ден пред 84 години

На денешен ден, на 9 јули 1942 година во Скопје е усмртен народниот херој Цветан Димов од страна на бугарскиот фашистички окупатор. По неколкудневни тешки измачувања и ѕверски тепања, бил фрлен од прозорец од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Цветан Димов, познат меѓу народот како Целе Чаирчанец, (Скопје, 5 март 1910 [1] – Скопје, 9 јули 1942 ) е македонски комунист, синдикалец, и учесник во НОБ. Заедно со Орце Николов бил еден од најистакнатите организатори на работничкото и комунистичкото движење во Скопје меѓу двете светски војни. По ослободувањето, на 26 јули 1945 година, е прогласен како народен херој на Југославија, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување заедно со Орце Николов, Стеван Наумов – Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу.

Апсењето, мачењето и смртта

Во статијата, објавена на „Википедија“ за Цветан Димов, натаму се истакнуваНабрзо, во почетокот на јули 1942 година, по една провала е уапсен. По тешки измачувања, бил фрлен од прозорец од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Набрзо починал во бессознание во затворското одделение на скопската болница. Бугарската полиција лажно кажала дека Димов се „самоубил“. Сведоштвото на неговиот убиец и мачител, најпрецизно го опишува настанот: „По задржувањето на Цветан Димов во Управата, уште од првата вечер беше тепан по табаните. Идниот ден него го тепавме јас, Мачков, Панков и Рајков. Така беше тепан уште два-трипати. На 9 јули беше повикан да оди на сослушување. Одби, под изговор дека е болен. Два-трипати го испратив Чучков да го доведе, но тој упорно одбиваше, зборувајќи дека е болен. Јас се налутив и отидов лично. Во неговата ќелија го пцуев и му се развикав.Тогаш тој стана и појде. Јас одев напред, а по него Чучков. Од ќелијата излезе откако двајцата му помогнавме. Но, тој сепак не можеше да оди, бидејќи беше претепан. Кога стасавме близу мојата канцеларија го бутнав накај прозорецот. Се занесе и се наведна на прозорецот. Тогаш го фатив за нозете, го подигнав и го турнав долу. Падна од вториот кат во внатрешниот дел на дворот, врз бетонот. Во тој момент во дворот беше еден од работниците на Управата и Цветан Димов падна покрај него. Потоа отидов и реков дека Цветан Димов се фрли сам. Исто така ова му го соопштив и на обласниот начелник. Кога го фрлив Цветан Димов низ прозорецот, беа присутни и агентите: Методи Попов – Величков и Трендафилов. На сите агенти им беше кажано да разгласат дека Цветан Димов сам се фрлил.”

Животопис

Цветан Димов е роден на 5 март 1910, а во други извори се наведува 1909 година. Започнал да работи како чирак кај различни мајстори и тогаш првпат ја почувствувал суровата положба на работничката класа. Калфа станал на 17-годишна возраст и веќе имал определена дневница, која ни приближно не била доволна за дадениот труд. Набрзо по станувањето калфа, Цветан запознал некој синдикален белградски активист. Од него Димов дознал дека работниците во другите градови се организирале во синдикати за да ги бараат своите работнички права. Од човекот добил разни летоци, брошури и книги. Одреден дел од овој период на неговиот живот Димов го поминал во Кленовиќ, каде се лечел од туберкулоза. Иако не бил физички присутен, сепак бил во тек со синдикалните активности во Скопје. Своите синдикални и работнички идеали ги истакнувал и јавно во санаториумот каде се лекувал.

Активизам

По враќањето од лекување во Скопје, Димов поактивно и поинтензивно започнал да контактира и соработува со истакнати револуционери, како што бил на пример Кочо Рацин. Неговата активност во рамките на движењето била забележана од Партијата.[3] Пред Втората светска војна работел како шивач и истакнат работнички организатор во Скопје, организирајќи разни штрајкови. Во 1926 е примен за член во СКОЈ, од 1928 година бил синдикален активист, а во 1933 година станал член на КПЈ. Во 1936 година Димов станал член на Меѓуструковиот синдикален одбор на Скопје, а во 1939 година станал член на Месниот комитет на КПЈ, на Покраинскиот комитет на КПЈ во Македонија (од летото 1939 година) и секретар на Покраинскиот одбор на Црвената помош (1939). 

Окупација

По окупацијата на Македонија во Втората светска војна, Димов учествувал на партиското советување, што се одржа на 22 јуни 1941 година во Козле. Активно учествувал во организирањето и спроведувањето на Илинденските демонстрации во 1941 година. Тој и Партијата сега веќе имале двајца непријател, окупаторот и домашните предавници. Димов станува еден од најголемите поборници за вооружена борба против окупаторот. Како секретар на МК на КПЈ во Скопје (од почетокот на 1942), работел на формирањето на Вториот скопски партизански одред, до што дошло на 17 април 1942 година. Кон крајот на мај 1942 година влегува во составот на Привремениот покраински комитет на КПЈ за Македонија.

Уште во текот на НОБ е испеана песна во негова чест, а денес, во негова чест, едно основно училиште и едно средно училиште во Чаир го носат неговото име. Во 1968 година куќата во Чаир, на улица „Јајце“, во која живеел и работел Цветан Димов, била прогласена за културно наследство, но денес оваа куќа повеќе не постои. Како народен херој е прогласен на 29 јули 1945 година.

Најнови вести од: Македонија

Млади луѓе со години чекаат трансплантација на срце

Дарко и Васко бараат шанса за живот, која може да се роди во најтешкиот момент за едно семејство – со одлуката да донира органи и да спаси други животи. За десетиците пациенти кои чекаат трансплантација, органодарителството е единствената надеж.

Почина 72-годишен скопјанец од западнонилска треска в болница

Седумдесет и двегодишен скопјанец почина по компликации од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. Пациентот бил со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, а уште при приемот во болница бил во тешка општа состојба.

(Видео): Со синовите бевме на научнообразовна екскурзија во Белгија, рече премиерот за еднонеделното патување

„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдени вооружени луѓе во строго-заштитено подрачје на Пелистер

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во територијата на паркот.

To top