Македонија

Нема да има застои во постапките против полицајците за пожарот во Кочани, уверува обвинителката Андонова

Судењето против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, се одложи

Обвинителството е подготвено и нема да дозволи застои во судските постапки поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кои се обвинети полициски службеници за тешки дела против општата сигурност – изјави денеска обвинителката Спасенка Андонова по одложувањето на главната расправа против 13-те полицајци во Основниот кривичен суд Скопје

– Застои во поглед на постапувањето по сите предмети нема да има, без оглед на тоа кој се јавува како застапник на обвинението, затоа што станува збор за јавнообвинителски предмети, кои се проследени до надлежниот суд. Судот е тој што понатаму ќе ја определува динамиката на постапувањето – изјави обвинителката Андонова.

Андонова потврди дека имала време да се запознае со материјалите од сите три предмети поврзани со случајот, кои ѝ беа пренесени од обвинителката Ивана Трајчева, на која не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, појаснувајќи дека преземањето на предметите секогаш подразбира краток временски период за подготовка.

– Тоа е вообичаена пракса, се врши предавање на предметите, следува нивно разгледување и присуство на главната расправа – изјави таа.

Во однос на одложувањето на одредени рочишта, Андонова нагласи дека судот секогаш кога постои аргументирана причина, во согласност со законот, може да донесе одлука за одлагање на главната расправа.

На денешното судење против 13-те полицајци беше поднесен предлог за спојување на постапката со главното судење за пожарот во „Пулс“, на што Андонова одговори дека ќе ѝ треба време да се запознае со поднесоците.

– Ќе ми оставите време, како што, впрочем, и судот немаше време да ги разгледа поднесоците бидејќи беа доставени непосредно пред почнувањето на главната расправа. Тие денес ми беа врачени од страна на судот. Ќе морам детаљно да ги разгледам и анализирам, па потоа ќе следува произнесување по однос на нив – рече таа.

На прашањето дали и покрај тоа што никој од обвинетите тројца полицајци во другиот процес не призна вина, се уверени дека имаат цврсто обвинение, Андонова одговори потврдно.

– Обвинителството, секогаш кога поднесува обвинение, значи дека е сериозно уверено во доказите со кои располага и кои во текот на судската постапка ќе треба да бидат презентирани. Останува судот да се увери во нив и, секако, да донесе соодветна судска одлука – рече таа.

Воедно, потсети дека оваа постапка продолжи вчера со одржување главна расправа, која, според неа, течела непречено во делот на доказната постапка. Во тој предмет, како што рече, процесот е во понапредна фаза и се очекува изведените докази да овозможат навремено завршување на постапката.

Судењето против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, се одложи.

Главната расправа закажана за денеска се одложи за 20 април по барање на еден од бранителите, кој информирал дека истовремено имал обврска во друг притворски предмет со приоритет во Основниот суд Кочани.

Во судницата денеска беше прочитан и уште еден предлог за одлагање на рочиштето за кој судот соопшти дека бил доставен во 9.10 часот.

Судијата реагира на аргументацијата на предлогот, во кој, како што цитира, било наведено „она што се обидува ЈО да го направи во оваа судница е недозволиво нудејќи две теории на случај за еден ист настан, со исти фатални последици“, при што судијката апелира на внимателен избор на речник во поднесоците и настапите на одбраната.

Друг бранител денеска предложи спојување на постапката со главното судење за „Пулс“, во кое се опфатени 35 обвинети, меѓу кои управители, градоначалници и вработени во Министерството за економија.

Најнови вести од: Македонија

Дали навистина поскапел лебот и зеленчукот во повеќе градови од Македонија?!

Откако горивата имаат повисока цена, следн на удар е лебот. Пекарниците во Прилеп и Битола ја зголемуваат цената на белиот леб од 450 грама – од 35 на 40 денари. Најави има и во дел од пекарите во источниот дел на земјата, односно во Штип и Кочани. Во Скопје, пак, веќе неколку дена се забележува поскапување на бурекот, симитот и други пецива, за околу пет денари.

Стојанче ја газел Ивана со нозете по стомакот, сведочеше сведокот Саздов

Стојанче ја газел со нозете по стомакот, сведочеше Мартин Саздов, зборувајќи за повредите на Ивана, модринките и слично,на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје на судењето на Стојанче Јовановски за смртта на неговите сопруга и ќерка, Ивана и Катја.

Македонците нека заборават летување во Грција како порано, има куп причини

Ако кризата продолжи, Медитеранот би можел да се соочи со една од најнеизвесните туристички сезони во последните децении, каде главното прашање веќе не е каде да се оди на одмор, туку – дали воопшто да се патува.

Мицкоски: Ако нема основa за поскапување на лебот – ќе следат казни

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја анализира состојбата со цената на лебот и ќе преземе мерки, ако се утврди дека има неоправдано зголемување, посочувајќи дека во спротивно ќе следуваат казни.

Најнови вести

To top