Неонаталната смртност во Македонија од 2015 година до денес е намалена за импресивни 87 отсто. Ова значи дека предвремено родените бебиња имаат значително поголеми шанси за преживување отколку пред една деценија.
Поводот за објавувањето на овие податоци е Светскиот ден на предвремено родените деца, а резултатите ги презентираше директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
На прес-конференцијата учествуваа и директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, како и раководителката на Одделот за интензивна нега и терапија, прим. д-р Елизабета Петковска. Тие посочија дека неонаталната смртност е намалена од 8,1 на околу 1,1 на илјада живородени деца, додека смртноста кај децата до петгодишна возраст е намалена за 75 отсто.
Според Клековски, во март годинава Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА потврдиле дека Македонија бележи најголемо подобрување во преживувањето на децата на светско ниво од 2015 година наваму.
Сепак, зачестеноста на предвремените породувања не е намалена. Околу 9 до 10 отсто од бебињата во земјава сè уште се раѓаат пред 37. гестациска недела, што е повисоко од европскиот просек.
Клековски истакна дека следниот голем предизвик е токму намалувањето на предвремените породувања преку превенција и подобра грижа за здравјето на жените пред и за време на бременоста. Тој ја нагласи и потребата грижата за предвремено родените деца да продолжи и по нивното излегување од одделенијата за интензивна нега.
Како пример за постигнатиот напредок, Клековски го посочи неонаталното здравје, во кое Македонија, според мерењата на ЗМАИ преку проектот Converge2EU, достигнува 174 отсто конвергенција со европскиот стандард – што е над европскиот просек. За споредба, во целина земјата достигнува 64 отсто од европскиот стандард.
Резултатите се постигнати преку долгорочна програма, континуирана обука на медицинскиот кадар, стандардизирани протоколи во породилиштата и подобрена перинатална грижа, со поддршка на УНИЦЕФ, СЗО и УНФПА.
Од јануари до октомври годинава, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се родиле 3.216 бебиња, од кои 610 биле предвреме родени. На Клиниката се упатуваат ризични бремености од целата земја.
Клековски им се заблагодари на неонатолозите, педијатрите, медицинските сестри и акушерките за нивниот придонес, а на родителите на предвремено родените деца им порача дека не се сами.