На 17 јули 2022 година Мимоза Рајл, како внука на нејзината тетка (на мајка ѝ сестра) Вера Циривири – Трена, на својот фејсбук-профил има напишано: „Мојата тетка (на мајка ми сестра) Вера Циривири – Трена е убиена кукавички и од грб, силувана е постмртно, а мојата друга тетка Нада Циривири е стрелана, а претходно сликана од бугарскиот окупатор.“ Во статија со наслов „Вера Циривири – Трена“ на интернет-страницата „Стар Прилеп“ пишува: „Мртвото тело на Вера Циривири-Трена бугарските полицајци го избоделе со бајонети и го фрлиле во Брегалница, надевајќи се дека од неа нема да остане трага. Но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот.“

На 5 декември 1944 година, три пол месеци по херојската смрт на Вера Циривири, било извршено ископување на нејзините посмртни останки. Интернет-страницата „Македонска национална академија“ објавува пресликан исечок од весник, во кој во врска со ова ископување било напишано: „Вера Циривири-Трена геројски падна, исполнувајќи го својот долг како борец-организатор. Една од најарните ќерки на македонскиот народ, соработник на првоборците и понос на целиот наш народ. На откопувањето на нејзиното тело присуствуваше многу народ, преставители на војската, власта, роднини и другари на Трена. Присутните ги овлада уште поголемо волнение кога Васка, мајката на незабравимата, не пуштајќи ни солза, рече: ‘Горда сум дека во оваа света борба дадов две ќерки и еден ранет 18-годишен син, не плачам и се заветувам дека ќе дадам се за борбата! … Не те жалиме! Оти, твоите коски и крв се урезаа во темелот на македонската држава. … јас се чувствувам горда дека сум родила такви деца.’ Од нејните думи се расплакаа сите околу. При заминувањето од Штип за Велес героичната мајка одржа уште еден пламен говор, изазивајќи го нашето дивление. Нека е слава на незабравимата другарка-раководител Вера Циривири.“
Вера Циривири – Трена е родена во 1920 година во Прилеп. Кај неа патриотизмот бил домашно воспитување. Во 1939 година Вера заедно со нејзината мајка и братот Илија заминуваат во Белград, каде што татко ѝ Коста работел како кројач. Во тоа време кројачкиот дуќан на Коста Циривири во Белград бил познато свртувалиште на револуционери, уметници и поети од Македонија. Меѓу нив најредовни посетители биле Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Борка Талески, Кузман Јосифоски-Питу, Кочо Рацин и други. Тие имале големо влијание врз политичките убедувања на Вера Циривири. Во 1940 година Вера станала член на Комунистичката партија. За време на окупацијата Вера Циривири била меѓу првите, кои се приклучуваат во народноослободителната борба.

Била сметана како многу добар инструктор со одлични организаторски способности и затоа тоа партијата постојано ѝ доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот. Поради ова бугарските окупаторски власти нуделе награда од 20 илјади лева за нејзино фаќање. Вера носела со себе себе носела празни документи и како ѝ требало така ги пополнувала. Со помош на таквите документи успевала да ги мине и најтесните полициски обрачи, да прејде од еден во друг град, за да извршува партиски задачи. По партиска задача Трена заминала за Штип, каде што регрутирала 80 борци и неколку делегати за Првото заседание на АСНОМ. Но набргу месниот комитет бил пробиен, а полицијата имала детален опис на Вера. Така ноќта на 14 јули 1944 година бугарската полиција ја блокирала куќата, во која се наоѓала Вера. Насетувајќи ја опасноста, Вера почнала да бега боса кон соседните куќи. Била погодена во грб од куршум на полициските агенти, што ја гонеле. Тогаш со силен глас извикала: “Ние ќе победиме! Ние ќе победиме!“ Потоа се самоубила со својот пиштол, за да не падне жива во рацете на непријателот.
Мртвото тело на Вера Циривири-Трена бугарските полицајци го избоделе со бајонети и го фрлиле во Брегалница, надевајќи се дека нема да остане трага од неа. Но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот. Откако завршила војната, овчарот кажал каде лежи телото на Вера Циривири. Властите го откопале нејзиното тело и го погребале со високи државни почести. Вера Циривири-Трена остана непрогласена како народен херој.