Македонија

Нов бран навредлива реторика од Софија, наместо екстрадиција

Трифонов, Каракачанов и бугарското ВМРО по случајот Михаилова

Случајот со обвинетата која замина во Бугарија предизвика нов бран навредлива и националистичка реторика од Софија. Слави Трифонов го негира македонскиот идентитет, Красимир Каракачанов ги нарекува македонските власти измамници, а бугарското ВМРО бара блокирање на евроинтеграцијата.

Дел од националистичките и радикални бугарски политичари упатија силни навреди и тежок говор на омраза кон македонските власти и граѓани, откако Македонија распиша меѓународна потерница по бегството на Ива Михаилова. На неа во земјава ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, отиде најдалеку. Тој отворено го негираше македонскиот национален идентитет и испрати пораки за претопување на Македонците. Трифонов го оспори правото на сопствен идентитет и тврди дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова.

„Навистина ми се повраќа од овие патетични искомплексирани луѓе, кои се крадци на бугарската историја“, напиша Трифонов, напаѓајќи ги македонските политичари. Тој ги нарече Македонците „Северномакедонци“ и го негираше нивниот идентитет.

„Како и да се нарекувате себеси – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А конкретно вие во Северна Македонија, каде што ме слушате или ме читате токму сега, порано или подоцна, ќе клекнете и ќе се претопите“, рече Трифонов.

Овие изјави претставуваат директен напад врз националното самоопределување на Македонците.

Трифонов тврди дека Михаилова ќе остане во Бугарија.

„Ние, Бугарите, не предаваме!“, напиша тој, додавајќи дека не верува оти постои бугарски функционер што би ја предал.

Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов го искористи случајот за навредливи напади. Во настап на телевизијата „Бугарија он ер“ на 13 октомври, тој изјави дека Скопје со години ја клевети Бугарија и дека не им верува на македонските политичари.

– Не верувам во ништо што кажуваат политичарите од Скопје. На тие луѓе не може да им се верува – изјави Каракачанов.

Тој ги нарече македонските власти измамници, а премиерот Христијан Мицкоски го нападна со лична навреда, нарекувајќи го „еден простак што се прави дека е премиер на соседна држава“.

Партијата ВМРО-БНД, предводена од Каракачанов, побара целосно замрзнување на разговорите за европска интеграција. Во соопштението од 14 октомври побара од бугарските институции да ги отфрлат македонските барања за екстрадиција и судска соработка.

„Нема преговори, нема укинување на ветото под никаков притисок, додека Скопје не стави крај на својот физички, административен и судски терор врз македонските Бугари“, се наведува во партиската реакција.

Ултрадесничарската партија „Преродба“ остро се противи на екстрадицијата. Пратеникот Коста Стојанов од собраниската говорница ја обвини Македонија за политичко лицемерие, споредувајќи го случајот со бегството на Никола Груевски.

– Политичко лицемерие е да се затвораат очите пред злосторствата на Груевски за милиони, а да се обвинува невино бугарско девојче – изјави Стојанов, пренесе БТА.

Партијата побара од владата да не ја екстрадира Михаилова и да ѝ обезбеди правна, дипломатска и конзуларна заштита.

Ива Михаилова, која има и македонско и бугарско државјанство, е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. По бегството во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври ѝ определи притвор.

Истиот ден МВР распиша централна и меѓународна потерница, а преку Интерпол испрати барање до Бугарија за апсење и екстрадиција.

Бугарското МВР потврди дека го примило барањето, но соопшти дека нема да преземе мерки за нејзино лоцирање, повикувајќи се на уставните одредби и правото да одбие екстрадиција на сопствен државјанин.

Најнови вести од: Македонија

Скопје домаќин на четвртиот Меѓународен конгрес на студентите по медицина и биомедицински науки

годинашното издание се одржува под мотото „…AND BEYOND“, со цел да поттикне научна размена, практично учење, меѓународна соработка и унапредување на медицинското образование

(Видео): Кина гради дури 90 дата центри во град со два милиона жители

Меѓу полињата со сончогледи и сирак во Внатрешна Монголија во Кина никнуваат огромни комплекси што ги носат имињата на Хуавеи, социјалната платформа Куаишоу и давателот на услуги за податоци VNET.

To top