Македонија

Нова Македонија открива виртуелен ,,обид за убиство” на член на Синодот на МПЦ-ОА

Дали зад ова стои нов бран на неоегзархиска офанзива, сега не преку духовни тела, туку преку медиумски канали?

Во текст со наслов ,,ОБИД ЗА МЕДИУМСКА СЕНЗАЦИЈА СО ВКУС НА РЕВАНШИЗАМ”, весникот Нова Македонија открива медиумска завера и виртуелен ,,обид за убиство” на член на Синодот на МПЦ-ОА.

 

Според весникот уредник во една национална телевизија со помош на дописник предвреме ,,го умреле” владиката на Преспанско – Пелагониската епархија епископот Петар што предизвикало тензии во битолско.

,,Кога некому му се закануваат со смрт, вообичаено добива куршум во плик или мртва риба замоткана во весник, а повеќе такви случаи се забележани низ годините и на Балканот, кога опскурни и подземни структури сакаат да казнат, да се заканат или да ликвидираат некого. На речиси идентичен начин, овие денови се појавува сличен таков чин, во пософистицирана форма, со иста цел и пресметана заднина и намера”, пишува НМ во воведниот дел од текстот кој го пренесуваме во целост.

,,Имено, во јавноста тенденциозно и очигледно со умисла, пласирана е лагата за „смрт на висок црковен достоинственик“. Тоа не само што ја вџаши јавноста во Македонија туку само по себе имаше цел да создаде стравотен притисок врз владиката на МПЦ-ОА, но и врз нашата Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Уште поиндикативен е изворот од каде што се прошири оваа информација со тектонски потенцијал – новинар од Битола и соработник на телевизија што има национална концесија.

 

Штета сторена и без објавување на лажната вест во медиумите

 

 

Во еден тежок преседан за македонското новинарство, на начин спротивен на професионалните стандарди и принципи на новинарството и новинарската етика, во името на „јавноста“, локалните граѓани на Битола регистрираа и реагираа на флагрантен обид за ширење лажна вест за смрт на неговото високопреосвештенство, митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

Оваа шокантна дезинформација, потекната од дописник на телевизија (со национална концесија) од Битола, според проверени информации од самиот телевизиски медиум, не била производ на официјалната уредувачка политика на телевизијата, туку на поединци што се ангажирани или блиски до медиумската структура, а кои, очигледно, имале цел да предизвикаат смут, забуна, па дури и симболична ликвидација на еден духовен авторитет со доследен македонистички став.

Од брифингот со извори од прва рака, сѐ започнало кога дописникот добил напатствие од „извесен“ уредник во Скопје да провери „информација“ дека владиката Петар доживеал мозочен и срцев удар. Наместо проверка, тој се одлучил за манипулативен чекор – без никаков медицински или официјален доказ почнал да ја шири оваа вест, обраќајќи се дури и до директорката на Клиничката болница во Битола, која била фрапирана и вчудовидена од ваквиот настап, при што таа и веднаш го демантирала ова тврдење.

Според нашите соговорници, Ненси Лозанче, директорка на Клиничката болница во Битола, во телефонски разговор ја демантирала оваа информација, јасно посочувајќи дека нема вистинитост, но и покрај тоа, веста набргу се проширила. Лажната информација за здравствената состојба на владиката Петар предизвика негодување меѓу верниците во митрополијата, како и меѓу битолчани.

– Недозволиво е ширење на ваква дезинформација. Кој си игра со битолчани и целата македонска јавност. Ова е обид за манипулација и нешто што е насочено против владиката Петар, но и против МПЦ-ОА. Јавноста не смее да подлегнуваа на овие дезинформации и внимателно да ги проверува информациите – велат нашите соговорници.

Но штетата веќе е направена – иако веста не била објавена на официјални медиуми, таа брзо се проширила низ Битола, како сензационална гласина со духовна и политичка заднина. Ширењето вакви информации низ локалната јавност создаде немир, загриженост и недоверба – ефекти што често се резултат на намерна дезинформација. Зошто некој би го посакувал тоа?

Имено, владиката Петар е еден од најгласните и најпоследователни поддржувачи на автентичната македонска црковна самобитност, на линијата на МПЦ-ОА, која со децении се спротивставуваше на обидите за асимилација и присвојување, особено од страна на егзархистичките кругови и нејзините современи продолженија.

 

Аспекти на настанот недвосмислено историски потсетуваат на судбината на Теодосиј Гологанов

 

Овој случај не е изолиран инцидент – тој има историски корен. Потсетува на судбината на еден друг македонски великодостојник од 19 век – Теодосиј Гологанов. Гологанов, првоборец за македонска црковна автономија, некогашен егзархиски епископ, подоцна се одделил од влијанието на Бугарската егзархија и станал еден од првите што ја артикулирале потребата за посебна македонска црква и нација. За ова бил изложен на прогон, негова личност била сатанизирана, изопштена, а неговото дело – маргинализирано и искривено од пропагандните центри во Софија и Цариград.

И денес, повторно гледаме како се користат медиумски манипулации за да се елиминираат личности со македонска свест и духовен интегритет. Лажната смрт на владиката Петар не е само невкусна сензација – таа е алатка на психолошко војување против гласовите што не се вклопуваат во туѓите агенди. Овој немил настан затоа отвора низа прашања.

Кој има интерес да го замолчи владиката Петар и со тоа да ѝ нанесе штета и на Македонската православна црква, која е ревносен бранител на националните интереси? Дали зад ова стои нов бран на неоегзархиска офанзива, сега не преку духовни тела, туку преку медиумски канали? И конечно, дали сме доволно свесни колку лесно лажната вест може да стане оружје во рацете на идеолошки платеници?

Македонската јавност мора будно да ја следи оваа ситуација. За владиката Петар, како и за Теодосиј Гологанов пред него, не е доволна само историската правда. Потребна е жива и активна поддршка од македонското општество, од институциите и од верниците. Зашто, како што покажува историјата – кога ќе ги погребеме нашите живи гласови, ние самите стануваме неми”, пишува Нова Македонија.

To top