Од четврток граѓаните ќе ги имаат своите лична карта и возачка дозвола на своите мобилни телефони
Граѓаните од четврток ќе можат на својот мобилен телефон да ги имаат своите лична карта и возачка дозвола – најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во пресрет на промоцијата на апликацијата која ќе функционира како електронски паричник.
Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација Апликацијата ќе биде промовирана в среда, а од четврток ќе почне официјалната примена на електронскиот паричник. Андоновски вели дека со електронскиот паричник, корисниците нема да мораат да ги откриваат сите свои податоци, како што е тоа случај со употребата на пластичните лични карти или возачките дозволи.
„На пример, кога сакате да се легитимирате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажувате сите податоци од личната карта. Ќе можете сами да изберете кои податоци сакате да ги споделите, на безбеден начин. Податоците ќе се споделуваат преку QR-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди, QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби“, изјави Андоновски, додавајќи дека големо внимание е посветено на безбедноста на апликацијата.
Според министерот, ова е почеток на процес кој треба да нè доведе до европскиот дигитален паричник, што ќе значи целосна дигитализација на документите. Изрази надеж дека паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе се додадат и нови услуги, можности и документи за граѓаните.