Со враќањето на Перпарим Бајрами во земјава се затвора една од најинтересните епизоди од случајот „Државна лотарија“ – предмет во кој некогашниот директор на државната компанија е првообвинет, а поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е второобвинет. Обвинителството ги товари осумтемина обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со постапки за воведување електронски игри на среќа и набавка на видеолотариски терминали.
По речиси две години беше недостапен за македонските органи на прогонот, денеска сам се пријави на граничниот премин Долно Блаце. Во 5:35 часот тој се пријавил за влез во Македонија, по што бил лишен од слобода и спроведен во затворот „Шутка“. По него беше распишана меѓународна потерница уште во декември 2024 година.
Бајрами на чело на „Државна лотарија“ дојде на само 29 години. На функцијата генерален директор е од јануари 2022 до август 2024 година, а претходно, уште во 2020 година, беше именуван и за член и заменик-претседател на Управниот одбор, односно заменик на генералниот директор.
Неговото име во јавноста, сепак, почна посериозно да се поврзува со „Лотарија“ во 2023 година, кога опозициски и истражувачки медиуми отворија прашања за начинот на кој државната компанија склучува договори за закуп и за луѓето околу нејзиното раководство; обаји „Плусинфо“
Особено внимание привлече неговата поврзаност со тогашниот прв вицепремиер Артан Груби. Бајрами во својата биографија навел дека бил политички советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во периодот кога со министерството раководеше Груби. Груби, пак, негираше дека Бајрами бил дел од неговиот кабинет.
Но, политичките врски не завршуваат тука. Истражувачкиот проект ИРЛ објави дека Бајрами уште во 2018 година, на 24-годишна возраст, станал политички советник во Собранието, каде што работела и неговата сестра Вјолца Бајрами – како шефица на кабинетот на тогашниот собраниски спикер Талат Џафери.
Тоа е детал кој ја покажува широчината на неговата политичко-партиска мрежа во периодот кога ДУИ беше еден од столбовите на власта. Самиот факт дека неговата сестра работела во кабинетот на Џафери не е доказ за каква било незаконитост, но е важен дел од биографијата на човек кој во своите триесетти години стигна до директорската позиција во една од најзначајните државни компании.
Клучниот пресврт дојде во декември 2024 година кога Обвинителството отвори истрага за сомнежи дека Бајрами, заедно со Груби, како одговорни лица во „Државна лотарија“, презеле дејствија со кои на компанијата ѝ била нанесена повеќемилионска штета. Во тогашната истрага се говореше за околу 8,2 милиони евра, поврзани со набавка на видеолотариски терминали.
Според тогашните наводи на Обвинителството, Бајрами и Груби биле осомничени како соизвршители за кривично дело проневера во службата, додека против други лица се водеше постапка за злоупотреба на службената положба.
На 16 декември 2024 година полицијата и обвинителството ја објавија акцијата, а Бајрами и Груби веќе не беа достапни на органите на прогонот. Само два дена подоцна МВР објави дека по двајцата е распишана меѓународна потерница.
Бајрами замина од земјава во тој период, а неговиот адвокат подоцна тврдеше дека тој не се криел, туку подолг период живеел во Косово. Сепак, во официјалните полициски документи тој беше третиран како недостапен за органите на прогонот и по него беше распишана меѓународна потерница.
.